Достапни линкови

Советот за безбедност на ОН ги осуди нападите


Советот за безбедност на Обединетите нации ги осуди синоќешните напади на демонстрантите врз неколку амбасади во Белград и потсети на обврската на српските власти да ги заштитат дипломатските претставништва. Во упадот во американската амбасада било откриено јагленисано тело, најверојатно демонстрант.

По вчерашниот митинг ,,Косово е Србија,, организиран од владата, групи демонстранти, како израз на бесот поради поддршката на западните земји на Декларацијата за независност на Косово ги нападнаа амбасадите на Соединетите Држави, Хрватска, Турција и Белгија. Дел од американската амбасада беше запалена каде што, откако бил воспоставен ред, било пронајдено едно јагленисано тело. Портпарол на американската амбасада Рајан Харис изјави дека најверојатно станува збор за еден од демонстрантите кои влегле во објектот. Полицијата ќе ја утврди причината за смртта, но знаеме дека лицето не било убиено при средба со наш службеник од обезбедувањето, изјави Харис.

„Можам да потврдам дека телото било пронајдено во малиот дел од зградата на Амбасадата што бил запален од демонстрантите.“

Изјави Харис, додавајќи дека загинатиот не бил службеник на амбасадата. Во врска со реакциите на властите во Белград таа и со оценка:

„Ја видов реакцијата на претседателот Тадиќ и ние го цениме тоа. Забележавме дека премиерот Коштуница од демонстрантите побара да не ги напаѓаат дипломатските и странските претставништва.“

Претседателот Тадиќ веднаш упати апел за мирно продолжување на протестите, а демонстрантите да не ги напаѓаат амбасадите во Белград:

„Ваквите акции не придонесуваат за одбрана на Косово, или на нашиот интегритет. Тие само го оддалечуваат Косово од Србија.“

И министерот за надворешни работи на Србија Вук Јеремиќ со оценка дека вчерашните напади врз амбасадите и странски фирми се неприфатливи и дека биле извршени од екстремисти.

„Тие и наштетија на сликата на Србија во странство и не го претставуваат колективното чувство на српскиот народ.“

рече Јеремиќ, додавајќи дека српската влада е решителна да не дозволи насилство на улиците во Србија. Портпаролот на американскиот Стејт Департмент Шон Мекормак потврди дека Вашингтон добил од официјален Белград уверување оти ваква епизода нема да се повтори:

„Најлошо е што присуството на безбедносните сили во моментот кога демонстрантите доаѓале кон нашата амбасада било неадекватно.“

изјави Мекормак, наведувајќи дека по упадот било потребно речиси два часа да се обезбеди адекватна српска полициска сила потребна за обезбедување на Амбасадата.
XS
SM
MD
LG