Достапни линкови

До 10 илјади евра за домашни и две илјади евра за странски државјани, велат од Царината


Македонските државјани, при влез во државава можат да внесат 10 000 евра во девизи, а доколку патуваат надвор од неа со нив можат да понесат до 2000 евра. Во случај ако граѓаните носат повеке пари од овој износ тогаш треба да ги пријават кај царинските работници на граничните премини,посочува Ѓорѓи Наумовски помошник директор на секторот за царински систем:

„Кога резидентите внесуваат сума за износ над 10 илјади евра се должни да ги пријават парите, за што се известува Агенцијата за спречување на перење на пари. За изнесување на девизи износот доколку е од две илјади до четири илјади евра, во тој случај се должни да приложат потврда од банка или менувачница од каде ги изнеле парите, а над четири илјади евра е забрането изнесување на девизи или чекови.“

вели Наумовски и додава дека странските државјани при влез во Македонија со себе можат да понесат до 2000 евра:

„Нерезидентите над 2 илјади евра се должни да ги пријават, со тоа што тука немаме горна граница за изнесување, туку износот што го изнесуваат треба да не биде поголем од износот што го пријавиле при влез во Македонија. Значи ако пријавил при влез 15 илјади евра, тие можат да изнесат само 15 илјади евра или помалку од тоа.“

За начинот на кој можат да се информираат граѓаните за овие законски одреби, Наумовки вели:

„На нашата веб страна постојат некои известувања, тука е и нашето упатство. Меѓутоа на самите гранични премини испечатени се известувања за внесување и изнесување на странски пари.“

Но многумина не ги познаваат овие царински прописи. Димитрија кој неодамна се вратил од работа на брод раскажува дека при влез во Македонија со себе понел 2500 евра за кој не бил сигурен дали треба да ги пријави.

„Кога пристигнав на аеродромот во Скопје, на царина не ме ни прашаа дали имам пари за пријавување. Инаку за тоа колку е лимитот на сумата која може да се пренесе, навистина незнам.“

Освен пријавувањето на пари, патниците треба да ги пријават и подароците кои сакаат да ги внесат. Според царинските прописи нивната поединечна вредност не треба да биде повисока од 50 евра, додека пак пушачите не смеат да внесат повеке од една штека цигари.
XS
SM
MD
LG