Достапни линкови

ДУИ повеќе не инсистира на посебен закон, ДПА блокира за политички поени, оценка на аналитичарите


Прашањето за статусот на борците на ОНА и нивните семејства останува спорно и по вчерашниот прогрес на лидерската средба. Иако на почетокот, Демократската Унија за интеграција инсистираше на донесување на посебен закон за ова прашање, од оваа партија сега велат дека има простор за договор и во рамките на веќе постоечките закони.

„Имаме и закон за бранителите, каде што може ова прашање да се реши,“

изјави потпретседателот на ДУИ, Рафиз Алити

За Демократската партија на Албанците пак останува неприфатливо каков било договор околу ова прашање, кое нема да биде утврдено со закон. Имер Селмани од оваа партија рече дека ќе инсистираат за ова прашање да се донесе закон.

„Се виде дека нема таков договор постигнато и дека ништо нема на маса. За нас е неприфатливо да нешто биде само како социјален пакет за жртвите, а притоа да не се води сметка дека таквото решение треба да се реши исклучиво со закон.“

На ова Алити одговара

„Тие се на власт. Нека понудат закон, па ние ќе видиме каков ќе биде тој закон. “

Ослабнувањето на позицијата на ДУИ во преговорите е резултат на тоа што е очигледно дека немало конкретен договор за ова прашање по мајскиот договор, вели политичкиот аналитичар Јован Донев. Според него се работи за политичка игра меѓу двете албански партии во земјава.

„Штом не постои договор, јасно е дека едната страна манипулирала со вистината. Во тој случај, ДУИ е во ситуација да земе што ќе му се понуди. ДПА нормално од друга страна сака да го блокира и не сака да му помогне, затоа што тоа утре може да го користи во евентуални избори.“

Донесувањето на нов закон за ова прашање не е потребен, вели Донев.

„Објективно може да се искористат членовите од законот за социјална грижа.“

И премиерот Никола Груевски вчера повтори дека нема согласност од власта за донесување закон за ветераните на ОНА и најави дека ова прашање ќе се разговара на следната средба. Американската амбадсадорка во НАТО Викторија Њуланд при последната посета во земјава јасно побара од македонските власти меѓудругото да изнајдат каков било начин за да се решат прашањата за борците на ОНА и употребата за јазиците на етничките заедници, за тие да почувствуваат дека се задоволени нивните барања.
XS
SM
MD
LG