Достапни линкови

Македонските земјоделци се жалат на лошите услови и нерасчистените проблеми


Иако државава претендира токму преку земјоделието да ги освојува европските пазари, во оваа гранка кај нас во делот на евиденцијата во најмала рака владее неред. Неорганизираност, нерасчистени проблеми околу користењето на земјоделското земјиште, потоа избегнувањето на повеќето земјоделци да се регистрираат како аграри кај надлежните државни институции, согласно тоа и редовното плаќање на придонеси како и секоја фирма, потоа не евидентираните машини и опрема или пак добиток со кои располагаат, поради сето ова што функционира како прецизна евиденција во земјите од Европската Унија, а кај нас не, дел од домашните земјоделци не ќе можат да конкурираат за добивање на средства од ИПА фондовите на Европската Унија за што до 2009-та година се предвидени 19 милиони евра. И самите признаваат дека ја избегнуваат евиденцијата пред државните органи, бидејќи велат, нема пари за дополнителни давачки:

„Сега во последно време бараат голема документација. Мора да се платени сите обврски кон државата. Многу од земјоделците немаат платено придонеси, здравствено и пензиско. Пченицата до пред две години беше осум денари и не можеме да ги плаќаме тие придонеси,“

посочува земјоделецот Тоде Лазаревски од пелагонискиот крај. Освен малата заработувачка, земјоделците се жалат и на многу други проблеми со кои што е обременото земјоделството. На пример како еден од поголемите проблеми го посочуваат узурпирањето на земјоделското земјиште. Поради ваков проблем, веќе десет годишен судски спор води земјоделецот од прилепско Драган Мицковски кој поради нерешените имотно-правни односи неможе ниту да конкурира за користење на средства од Европската Унија за што се бара комплетна документација:

„Јас од тоа регистриран земјоделец немам видено аир. Јас ја земав земјата под закуп, а беше напишано дека земјиштето е узурпирано и да си го решаваш проблемот по судски пат,“

истакнува Мицковски. За користење на средствата од предпристапните ИПА фондови се очекува акредитација на Агенцијата ИПАРД и Платежна Агенција преку кои ќе оди реализацијата на овие средства, што според очекувањата на Министерството за земјоделство се очекува наредната година:

„Ќе има и обучени служби кои ќе вршат анализи на бизнис планови со кои земјоделците ќе може да аплицираат за овие фондови,“

истакнува Соња Трајковска портпарол на Министерството за земјоделство.
XS
SM
MD
LG