Достапни линкови

Победи против БИХ и Израел за пласман на ЕУ


Иако потешко од очекувањата македонската кошаркарска репрезентација го исполни првиот од двата услова за пласман на Европското првенство, кое од понеделник ќе се одржи во Шпанија. Во конкуренција на Естонија и Шведска, Македонија го освои првото место и дојде до баражот во Менорка, каде од денеска до петок со Босна и Херцеговина и Израел ќе се бори за последната виза за собирот на најдобрите европски селекции.

Ваквиот епилог потврди дека квалификационата група во која бевме лани, а од која само Португалија се пласира на ЕП, е најсилна, бидејќи во неа беа токму оние кои се сега во Менорка и на кои им треба втората пресметка за пат на ЕП. За тоа, најголема заслуга можеби имаме токму ние, бидејќи во двата последни меча место само една победа за директен пласман на ЕП, доживеавме два минимални порази од Израел и Босна. Сеќавањата на тие средби сеуште се свежи, а со тоа и желбата за одмазда, за што се верува дека имаме сили.

„Со екипите кои не чекаат во Менорка мислам дека шансите ни се еднакви. Можеби Израел е во предност бидејќи има најискусен тим, но од друга страна ние имаме најголем простор за напредок во формата. Затоа за нас најзначајно е што стигнавме до Менорка, каде не се сомневам дека можеме да бидеме рамноправен ривал, а со малку спортска среќа која е неопходна во вакви дуели мислам и дека ќе ја исполниме целта,“

изјави селекторот Јовица Арсиќ.


Слично размислуваат и играчите според кои во Менорка се најдобрите селекции меѓу кои нема посебни тајни, а ние имаме квалитет и реални шанси за второ учество на ЕП, по она во Франција пред осум години. Нешто во што воопшто не се сомневаат љубителите на спортот.

„Тешка е групата, но нашите квалитети ќе дојдат до израз. Резултатот ќе се крши меѓу Македонија и Израел. Тој натпревар ќе биде одлучувачки кој ќе оди понатаму.“
„Победа, нормално, да се пласираме.“
„Мислам дека имаме најдобра екипа од сите, ако се склопат коцките мислам ќе одиме на ЕП во Шпанија. Никогаш во историјата не сме имале подобра репрезентација.“


На играчите е да покажат дека овој оптимизам не е без основа. Прво вечерва со Босна и Херцеговина, а во петок и против Израел, по кој меч се надеваме дека ќе им се придружиме на Грција, Русија и Србија во А групата од ЕП.
XS
SM
MD
LG