Достапни линкови

Македонија ќе трпри пропагандни притисоци од засегнатите страни, сметаат македонските експерти


Македонија не е дел од проблемот на решавањето на финалниот статус на Косово и со својата конструктивна пасивност може да придонесе состојбата да се развива во вистинската насока. Во овој контекст, не е потребна никаква нова креативност како ниту ставање во улога на некој што ќе трпи пропагандни притисоци од засегнатите страни. Вака политичкиот аналитичар Ѓунер Исмаил ги толкува и информациите во српските медиуми дека е можно бран бегалци од Косово, претежно Срби и Роми да се прелее во Македонија при евентуално насилство во покраината.

„Информациите за тоа дека ќе се случи некаква пожестока криза, дека таа криза ќе се прелева во вид на бегалци во Македонија, според мене, е дел од пропагандните планови во одметнатите делови на српскиот генерал штаб.“

„Логично е бидејќи, Србите тоа не го прифаќаат како решение, да зајакнат тенденциите кај апокалиптичните сценарија, како меѓународен притисок да се земе предвид и српската позиција,“


додава професорот Денко Малески кој не ги исклучува притисоците и на албанската страна зошто со голема сигурност евентуалните немири на Косово би ја дестабилизирале Македонија. Професорот од воената академија, Стојан Кузев сепак не очекува во ниедна варијанта развој на настаните што би довел до конфликти во покраината . А тоа според Кузев би била единствената ситуација која отвара можност за појава на бегалска криза. Според него не е за занемарување ризикот и притисокот што го создава нерешеното прашање со демаркацијата на границата кон Косово.

„Одлагањето во моментов од косовска страна за ова прашање го гледам како израз на несоработка и немање позитивен одговор за сето она што Република Македонија го прави за Косово“

Ќе биде зрело однесување доколку Македонија ги следи одлуките на меѓународните фактори инволвирани во решавањето на проблемот со финалниот статус на Косово, вели аналитичарот Назми Малиќи.

„Во тој контекст нема да се греши.“

Македонските аналитичари се речиси едногласни, нема да се дозволи непредвислив развој на настаните кој би довел до криза а за тоа добра основа нуди планот на Ахтисари.
XS
SM
MD
LG