Достапни линкови

Во Владата нема расположение за прифаќање на нивното барање за паричен надоместок


Еден месец по последниот протест во Скопје, овој пат со шатори пред Собранието и Владата каде ќе останат деноноќно, стечајните работници со нерешен статус од повеќе градови од земјава од денеска започнуваат со протести се додека не добијат уверување дека ќе биде решен нивниот проблем:

„Се додека не се реши проблемот остануваме тука и само може да го зголемиме бројот на луѓето.“

Вели Стојан Стојанов претседател на здружението на стечајци со над 25 години работен стаж од Штип. Барањата на стечајците се веќе познати, паричен надоместок во висина од 40% од просечната плата во државава до ново вработување. Владата пак нуди, нивно згрижување преку активни политики на вработување. Стечајците истакнуваат дека се подготвени на компромис, но тие не веруваат дека ќе бидат вработени преку владините активни политики, па токму затоа велат, сигурноста ја гледаат во барањето за добивање паричен надоместок за кој посочуваат дека можат да направат компромис да биде намален:

„Не отстапуваме од тоа да се даде паричен надоместок и да се добива од Агенцијата за вработување, до ново вработување. На компромис, ако мислат дека е голема сумата која што ја бараме, тука може да се разговара и да се најде некое решение.“

Изјавува Стојанов.
Ниту Виолета Кузевска претседател на здружението на стечајци од Струга, не верува дека ќе биде вработена. Вели два пати досега имала договор за вработување, но поради возраста била отпуштена од работа. Во меѓувреме истакнува дека во семејството едвај преживуваат:

„Сум работела во „Стружанка“ 30 години, а во истата фирма работеше и мојот сопруг. Треба ли да кажувам нешто повеќе за тоа како е, кога секој ден чекате што утре.“

Изјавува Кузевска. Во Владата пак посочуваат дека засега не резмислуваат за компромис околу барањето на стечајците за паричен надоместок, бидејќи велат тоа никогаш не било ветено:

„Бидејќи состојбата е таква каква што е и со буџетот, а и бидејќи не се само стечајците во незавидна состојба, тука се и технолошкиот вишок, со пасивна мерка односно давање на паричен надоместок сметаме дека неможе да се реши прашањето.“

Изјавува Душко Миновски државен секретар во Министерството за труд и социјална политика. Прашањето за стечајците секогаш искористено за политички обвинувања меѓу власта и опозицијата. СДСМ побара Владата да го реши овој проблем бидејќи тоа го ветила во изборната програма. Додека во владеачката ВМРО ДПМНЕ истакнуваат дека опозициониот Социјалдемократски сојуз е лицемерен и потестуваат тие се оние во чие време се случила криминалната транзиција во земјава.
XS
SM
MD
LG