Достапни линкови

logo-print

Општините велат дека зголемувањето на приходите ќе им помогне


Вчерашниот ден беше краен рок до кога општините имаа можност за доставување на завршните сметки за работењето во изминатава година, кои сега се во процес на разгледување од страна на Министерството за финансии. Во текот на овој и следниот месец врз основа на доставените завршени сметки Министерството ќе направи анализи за тоа во кој дел на општините им недостасуваат средства, и што во финансиските средства по основ на даноци што тие ги добиваат, треба да се корегира, објаснува државниот секретар во Министерството за финансии Снежана Костадинова Милошевска како одговор на барањето на дел од општините за зголемување на процентот од Данокот на додадена вредност од сегашните три на четири и пол проценти:

„За сите овие мерки ќе се донесе заклучок како ќе се постапи дали евентуално треба да се изврши дополнителна корекција во постоечките распределби на ДДВ-то на останатите утврдени заеднички даноци.“

Иако законот за финансирање на општините се донесе во времето на Социјалдемократскиот сојуз, оваа партија после укажувањето на дел од градоначалниците во Собранието достави Предлог закон за изменување на законот за финансирање. Зоран Заев градоначалник на Струмица од оваа партија објаснува:

„На барање на ЗЕЛС да биде 5% во тоа време, се договорија и Владата и ЗЕЛС да биде 3%, а во текот на практичното применување заедно сите ќе увидиме колку треба да биде, бидејќи однапред неможеше да се процени и затоа бараме ДДВ-то да изнесува 4,5%.“

Со потребата од зголемувањето на процентот на ДДВ за општините се согласуваат и градоначалнците од ВМРО ДПМНЕ иако критикуваат дека кога имале можност, тоа во СДСМ не го сториле. Коце Трајановски градоначалник на општина Гази Баба истакнува:

„Јас кога се бунев дека Владата на СДСМ 40% од средствата за греење на училиштата ни ги намали, тие ме нападнаа.“

Првиот човек на општина Чашка Стојан Маневски пак, вели дека доколку добијат повеќе приходи од Данокот на Додадена Вредност, тоа многу ќе им помогне за разрешување на сегашните проблеми со финансиите што е пречка за исполнување на обврските од процесот на децентрализација:

„Едноставно сега се соочуваме со многу проблеми, прво мораме да ги подмируваме старите долгови, а исто така неможеме да одговориме на сите барања на населението или неможеме да иницираме развојни проекти.“

забележува Маневски.
XS
SM
MD
LG