Достапни линкови

Најавено објавување на новиот извештај на ОН за климатски промени


Во Париз од денеска се одржува собир на водечките климатски научници во светот. Собирот треба да кулминира в петок за кога е најавено објавувањето на новиот извештај на Обединетите нации за климатските промени кој, како што се наведува, ќе го шокира светот за тоа колкава голема е врската меѓу човековите активности и глобалното затоплување.

На извештајот кој е прв од таков вид во изминативе пет години работеа околу две ипол илјади научници од сто и триесет земји. Од она што е понудено во него може да се заклучи дека човекот со своето дејствување, во скоро деведесет насто од случаите, предизвикал несакани последици по природата. И што е уште позастрашувачки, последиците, оние големите, допрва доаѓаат. Затоа неодмна претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо при претставувањето на новата европска енергетска стратегија која има за цел и заштита на природата изјави:

„Ни требаат нови политики за да се соочиме со новата реалност. Политики кои ќе ја задржат европската конкурентност и ќе ја заштитат нашата животна средина. Европа мора да го води светот во новата пост индустриска револуција. Развојот на економија со намалено испуштање јаглерод.“

Користењето на фосилните горива само во изминативе пеесет години предизвика нивото на морињата да порасне за седумнаесет сантиметри. И доколку владите на сите држави успеаат да го намалат количеството на издувни гасови во атмосферата кое е главниот фактор за затоплувањето, се очекува морињата во наредниве децении да пораснат до четириесет и три сантиметри. Исто така, се проценува дека температурата на Планетата при сегашниот обем на загаденост до две илјади и стотата година да биде повисока за три степени што би предизвикало катастрофални последици. Имено, во таков случај јужна Европа ќе се соочи со големи суши, а скоро четири милијарди луѓе ќе немаат доволно вода за пиење, а ќе нема ни доволно храна во светот. Доколку ништо не се преземе, постои опасност и од исчезнување на ледената покривка на половите, како и глечерите на Хималаите. Од сето најпогодени ќе бидат крајбрежните подрачја и поголемите градови како Њујорк, Лондон, Токио. Научниците на Обединетите Нации очекуваат нивниот извештај да го покрене процесот на менување на ваквиот начин на однесување на човекот спрема неговата животна околина. Спогодбата од Кјото за намалување на емитувањето издувни гасови не заживеа поради повлекувањето од неа на Соединетите Држави кои се најголеми загадувачи на атмосферата. Администрацијата на претседателот Џорџ Буш смета дека таквото ограничување ќе ја загрози американската економија. На ист став се повеќето мултинационални компании. Но, од неодамна и тие како да почнаа да го менуваат ваквиот став. Особено, откако се појавија извештаи дека климатските промени би можеле да го загрозат економскиот раст.

„Соединетите Држави имаат единствена можнот и единствена одговорност. Нашата емисија на гасови е многу поголема од која и да било друга земја во светот. Од друга страна, ние финансиски и технолошки сме во најдобра позиција да помогнеме во решавањето на проблемот.“

Изјави Питер Дарби еден од претседавачите на американската корпорација за гас и електрична енергија на годинашниот Светски економски форум во Давос на кој токму намалувањето на глобалното затоплување беше една од главните теми.
XS
SM
MD
LG