Достапни линкови

Почина туркменистанскиот доживотен претседател Сапармурат Нијазов


Туркменистанскиот доживотен претседател Сапармурат Нијазов почина во текот на ноќта, јави туркменистанската државна телевизија. Во соопштението се наведува дека шеесет и шест годишниот претседател починал поради ненадејни проблеми со неговото срце. Новинските агенции јавуваат дека во главниот град Ашгабат ситуацијата била мирна, но оти почнале да се отстрануваат новогодишните докрации по дрворедите.

Туркменистанската телевизија со тоа ги потврди претходните гласови дека Нијазов починал од срцев удар.

„Решено е нашиот голем лидер да биде погребан в недела на дваесет и четврти декември. Се прогласува седумдневна национална жалост.“

Соопшти спикерот на туркменистанската државна телевизија. На Нијазов пред девет години му беше извршена голема операција на срцето, а во минатиот месец тој за прв пат и јавно соопшти дека има проблеми со срцето. Претходно, во октомври, екипа од седум доктори, предводена од германски експерт изврши редовна контрола при што било констатирано дека Нијазов бил во добра здравствена состојба.
Познат како туркменбаши или лидер на туркмените, тој раководеше со Туркменистан со челична тупаница со што си создаде невидиен култ на личноста во земјата која, по Русија, е втор најголем произведувач на гас во светот. Нијазов, кој беше геолог по занимање, дојде на власт во илјада деветстотини осумдесет и петата година кога беше избран за прв секретар на Комунистичката партија на Туркменската советска социјалистичка република. Нијазов не толерираше никакви дисидентски движења и постојано со илјадници портрети и статути, поставени низ целата земја, го градеше култот на личноста, меѓу другото, и со неговите вакви изјави:

„Треба на се да внимаваме, на банките, на радиото, телевизијата. Треба да знаеме дури и мува да прелета.“

Неговото име го носат пристаништа, фарми, воени единици, дури и еден метеорит, а ова што следува е националната химна на скоро пет милионската и претежно муслиманска земја чии стихови ги има напишано големиот лидер Нијазов.

Нијазов беше автор на Рунама или Книгата на духот која стана задолжителен учебник на сите нивоа на образовниот систем. Но, со неговите потези како забраната на кармин за уста и на операта и балетот тој стана интересен за светските медиуми. Инаку, многумина експерти предвидуваат дека во Туркменистан, по смртта на Нијазов би можело да дојде до големи немири. Некои пак, веруваат дека Русија, како и соседните Иран, Казахстан и Узбекистан би сакале да го прошират своето влијание во Туркменистан со оглед на тоа што скоро петмилионската, претежно муслиманска и пустинска земја има големи ресурси на гас и нафта.
XS
SM
MD
LG