Достапни линкови

Македонскиот трговски дефицит на алармантно ниво


Бројката од милијарда и двесте милиони долари трговски дефицит на земјава е алармантна, а за да се избегне неговото негативно влијание врз стапката на економски раст и квалитетот на животот на граѓаните, владата треба итно да преземе мерки, апелираат економските експерти. Поголемиот увоз на добра и услуги за сметка на помалиот извоз се должи на неколку причини, вели професорот Димитар Ефтимовски од Факултетот за општествени науки.

„Тоа е резултат на продуктивноста во економијата. Тоа значи дека се додека во односите на размена на нашата земја со остатокот на светот, продуктивноста е пониска, ние ќе бележиме негативен трговски дефицит.“

Токму зголемувањето на продуктивноста треба да биде приоритетна мерка во надминување на оваа фактичка состојба, смета Ефтимовски.

„Нашата влада треба да работи на пораст на продуктивноста на економијата со што ќе се подобри конкурентноста на нашите производи на пазарот. Мислам дека влада треба да одржува фиксен девизен курс, затоа што тоа е важно за внатрешната стабилност.“

Една од причините поради малиот извоз на македонските производи е нивната неконкурентност, велат стопанствениците. Според Никола Ефтимов, извршен директор на Сојузот на стопански комори постојат неколку причини за зголемениот трговски дефицит.

„Големи даночни оптоварувања и банкарскиот систем доведоа до ситуација да не може да се инвестира во развој и компаниите не се конкурентни на пазарот.“

Според Ефтимов, намалувањето на бирократските процедури, реформите во даночниот и банкарскиот систем ќе ги охрабрат македонските стопанственици да ги осовременат своите капацитети и да ги спроведат развојните политики. Крајниот резултат од сево ова ќе биде зголемен обем на трговија во регионот, вели Ефтимов.
XS
SM
MD
LG