Достапни линкови

Новата тактика ќе има за цел намалување на крвопролевањето во таа земја


Американскиот претседател Џорџ Буш призна дека насилството во Ирак се повеќе се интензивира и најави дека ќе ја смени тактиката со цел да го намали крвопролевањето во таа земја. Но, тој, како што изјави, нема да се откаже од целта, градење на демократско ирачко општество. Во меѓувреме, директорот за јавна дипломатија во Бирото за Блискиот Исток на Стејт Департментот за арапската телевизија Ал Џезира оцени дека Соединетите Држави покажале ароганција и глупавост во Ирак.

Американскиот претседател Џорџ Буш повтори дека неговата администрација нема да им го предаде Ирак на бунтовниците и вети промена на тактиката во таа земја.

„Нашата цел во Ирак е јасна и непроменета. Нашата цел е победа. Она што ќе го смениме е тактиката која ќе овозможи остварување на таа цел. Нашите команданти на теренот постојано го градат новиот пристап за справување со непријателот, осоебно во Багдад.“

Буш обајснува дека растечкото насилство во Ирак било поради зголемената активност на американските сили, како и поради пософистицираната пропагандна стратегија на бунтовниците. Американскиот претседател кој се соочува со несогласување во домашната јавност поради војната во Ирак и тоа само на неколку дена пред изборите за Конгресот наведе дека Соединетите Држави ќе останат на познатиот курс:

„Има една работа која нема да ја направиме. Нема да ги повлечеме нашите трупи од бојното поле пред да ја завршиме нашата мисија. Некои во Вашингтон заговараат повлекување од Ирак, бидејќи тоа би не направило побезбедни. Јас не се согласувам со тоа. Повлекувањето од Ирак само ќе им овозможи на терористите да си имаат безбедна зона за подготовка на напади врз Америка.“

Изјави Буш. Во меѓувреме, еден од високите претставници на Стејт Департменот призна дека Соединетите Држави правеле грешки во Ирак:

„Се обидовме да го направиме најдоброто, но мислам дека има многу простор за критики бидејќи, Соединетите Држави покажаа ароганција и глупавост во Ирак.“

Изјави Алберто Фернандез, директор во Бирото за Блискоисточни работи при Стејт Департментот во интервју за телевизијата Ал џезира, додавајќи:

„Ние недоволно сме фокусирани врз иднината на Ирак и врз можноста од неуспех во Ирак. Но, тоа нема да биде неуспех само за Соединетите Држави, туку тоа ќе биде катастрофа за целиот регион.“

оценил Фернандез кој веднаш потоа, во пишана изјава наведува дека за време на интервјуто сериозно бил погрешно интерпретиран од водителот. Фернандез додава дека коментарите не биле негови ставови, ниту пак ставови на Стејт Департментот и оти поради тоа се извинува.
XS
SM
MD
LG