Достапни линкови

Соединетите Држави бараат построги санкции


Советот за безбедност на Обединетите Нации ги почна консултациите за можните потези откако Северна Кореа соопшти дека вчера извела нуклеарна проба. Соединетите Држави доставија предлог резолуција за построги, вклучувајќи и економски санкции против Пјонгјанг од каде пак, стигнуваат сигнали дека е подготвен да се врати на преговарачка маса, но под услов Вашингтон да преземе соодветни мерки. Кои: не е прецизирано.

Можните чекори што ги разгледува Советот за безбедност како одговор за непослушната Северна Кореа се според Поглавието седум од Повелбата на Обединетите Нации. Тоа значи дека Северна Кореа би можела да се соочи со построга блокада, но и со можна воена интервенција. Американскиот амбасадор во Обединетите Нации Џон Болтон вели дека новата резолуција е многу поостра од претходната кога пред неколку месеци Северна Кореа истрела седум балистички ракети:

„Посочив извесен број елементи кои Соединетите Држави бараат да бидат разгледани од членките на Советот за безбедност во резолуција која ќе биде под Поглавието седум од Повелбата.“

Изјави амбасадорот Болтон. Советот за безбедност исто така побара од Северна Кореа да се откаже од натамошни нуклеарни проби и да се врати на таканаречните шест партитни разговори во кои учествуваат и Кина, Русија, Јужна Кореа, Јапонија и Соединетите Држави. Се уште не е јасно дали Кина и Русија кои досега се противеа на резолуција која ќе биде базирана врз поглавието седум сега ќе ја сменат нивната позиција иако и двете земји остро ја осудија нуклеарната проба.

„Мислам дека ние треба да реагираме цврсто но исто така, од друга страна, верувам дека вратата за дипломатско решение на проблемот е се уште отворена.“

Изјави кинескиот амбасадор Ванг Гуанџија по вчерашниот состанок на Советот за безбедност. И од Пјонгјанг денеска пристигнаа најави дека, под одредени услови, би се вратил на разговорите. ,,Нуклеарната проба е израз на нашите намери да се соочиме со Соединетите Држави на преговарачка маса,, ја цитираат агенциите изјавата на еден неименуван севернокорејски претставник. Ваквата намера ја одбива официјален Вашингтон. Американскиот претставник во шестпартитните преговори Кристофер Хил вели дека Соединетите Држави никогаш нема да прифатат Северна Кореа да влезе во клубот на нуклеарните сили.,,Севернокорејците мислеа дека нивната земја ќе ја прифатиме како нуклеарна сила и ќе почнеме да преговараме со нив. Тоа нема да се случи,,изјави Хил за телевизиската мрежа Си Ен Ен, додавајќи дека е за строги санкции. За тоа дали и тоа ќе се случи еве што вели британскиот аналитичар Ејдан Фостер Картер:

„Тешко е да се знае каква силна акција е возможна. Овој пат Соединетите Држави и Јапонија ќе притискаат посилно. Но, сите знаеме дека Северна Кореа не сака да соработува и оти, од многу причини, воената акција не е реална. Не само поради тоа што севернокорејците имаат нуклеарно оружје, туку и поради близината на Сеул. Затоа мислам дека пореални се санкциите.“

Оценува британскиот аналитичар Ејдан Фостер Картер.
XS
SM
MD
LG