Достапни линкови

Земја која се определила за членство во ЕУ и НАТО, мора да очекува забелешки, велат експертите


Секоја земја чија цел е евро-атлантската интеграција и согласно тоа презела обврски за спроведување на реформи според тие критериуми, треба да очекува дека ќе биде „надгледувана“ од овие меѓународни организации и согласно тоа да и се укажува на некои неправилни чекори. Вака експертите го објаснуваат степенот на влијание што меѓународната заедница го покажува и го има врз одредени процеси во земјава.

„Тоа во теоријата е т.н. стихиен керот систем значи кондиционалноста на ЕУ подразбира во одредени случаи да има и укажувања на некакви проблеми од страна на државата, односно земјата кандидат. Така, да тоа не е случај само со Македонија тоа е случај и со останатите земји кандидати.“

Потенцира експертот Иван Дамјановски.
Влијанието на Европската Унија конкретно за прашања поврзани со нашите евроинтеграции беше видливо преку нејзините укажувања за некои последни одлуки на Владата, како намерите за измена на законот за електронски комуникации, или пак реакциите околу кадровските смени во одредени институции. Дамјановски вели дека меѓународните организации секогаш ќе реагираат на чекори кои ги загрозуваат реформите:

„Треба да се сфати дека и Македонија презела некакви обврски, треба да усвојува некои критериуми кои се стандард во ЕУ, така да пожелно е да се очекуваат критики од таа страна.“

По овие забелешки од меѓународните претставници Владата се повлече од намерата за измена на законот за електронски комуникации, а во случајот со именувањата на државните службеници, оттаму тврдат дека тие се во рамки на законските правила. Тоа се мали забелешки и со овие чекори не се нарушуваат реформите од областа на евроинтеграциите, велат во Владата.

„Ние како Влада сме решени да одиме со реформите и тоа што сме го ветиле како партии кои коалицираат во Владата, да го реализираме до крај.“

потенцира портпаролот на Владата Ветон Ибраими.
XS
SM
MD
LG