Достапни линкови

Фирмите бараат олеснувања од владата, а граѓаните мислат како ќе врзат „крај со крај“


Струјата поскапе, цените на горивата пак последнава година се зголемуваат речиси на две недели. Овие поскапувања, велат економистите ќе влијаат и на цените на другите производи, односно на целата потрошувачка кошница која според заводот за статистика минатиот месец изнесуваше 10.180 денари. Професорот од универзитетот на Југоисточна Европа Абдулменаф Беџети вели дека поскапувањето е глобален тренд и Македонија локално не може многу да стори:

„Граѓаните мора да бидат свесни и да очекуваат дека овој тренд неможе да се спречува локално, колку и да постојат обиди за негово одложување. Но, сепак тоа е глобален тренд, веќе од тоа и струјата ќе зависи, бидејќи стануваме увозно зависни и цената на електричната енергија ќе зависи од големите производители во регионот. Така да неможе да се влијае во некоја субвенциона постапка од страна на Владата.“

Сопствениците на фирмите пак, кои се занимаваат со производство велат дека очекуваат помош од владата во насока на намалување на давачките кои ги имаат кон државата. Зоре Темелковски сопственик на „Иноспектар“ фирма која производува пијалоци, вели дека струјата и горивото во финалната цена на нивниот производ влегуваат со околу 30 проценти. Според него, излезот од состојбата која ја предизвика бранот поскапувања не треба да се бара во поскапувања на производите затоа што како што вели, граѓаните и така се наоѓаат во лоша економска состојба:

„Ние како компанија, лично јас, ќе го бараме излезот во намалување на работната сила, во модернизацијата, тоа е тој елемент доколку неуспеам да го добијам од државата. Тоа автоматски е ланец на една социјална нестабилност.“

И граѓаните на кои им претстои еден од најтешките месеци во годината-септември кога додатен трошок е и почеток на училишната година, велат дека тешко ќе се сврзува крај со крај:

„Ќе биде удар и за државата, бидејќи неможе да се плаќа.“

„Може да земаш кога има, кога нема, нема што да земаш повеќе.“

„Ако сега неплаќаат струја 30%, во иднина нема да плаќаат 70% од граѓаните.“

„Се зависи кој како. Помалку ситуираните тоа повеќе ќе го почувствуваат, за разлика од економски посилните кои можеби нема толку да го почувствуваат.“

„Многу се одразува на секое семејство. Бидејќи струјата е еден сегмент кој ќе предизвика покачување на останатите, а сето тоа е една спирала која ја чувствуваат граѓаните.“
XS
SM
MD
LG