Достапни линкови

Митрополит кичевско-дебарски г. Тимотеј: МПЦ треба да покрене дијалог со СПЦ за решавање на спорот


Дали МПЦ не треба да се грижи што македонска делегација не влезе во Прохор Пчински на Илинден. Условно кажано, дали ова откажување е вистинскиот чекор наместо постојаното условување од српската страна?

МПЦ одсекогаш водела грижа како за духовниот аспект на македонскиот народ, така и за националниот и лично сметам дека не се исцрпени сите можни начини да еден ден повторно се воспостават нормални релации на македонската и српската држава и корените на македонската државност удрени од посовремената историја во манастирот Прохор Пчински да се чествуваат на еден достоинствен начин како што доликува на еден културен народ во една соседна држава која се декларира како наш пријател. Сметам дека во овој момент е подобро да се отстапи, времено, отколку да се доживуваат било какви понижувања како што тоа се случуваше во минатото. Мислам дека ќе се надмине овој проблем, доколку се пристапи со добра желба и намера.

Каде го гледате излезот од овој лавиринтот меѓу МПЦ и СПЦ. Своевремено се споменуваше улогата на посредништво на трети цркви...До каде сме денеска со овој спор?

Сметам дека сите отворени прашања и проблеми се решаваат само преку дијалог. Тој дијалог може да биде и директен меѓу двете страни, во овој момент меѓу МПЦ и СПЦ, или меѓу комисии итн. Меѓутоа сметам дека решавањето може да се случи само преку дијалог. И покрај тоа што дијалогот во овој момент е прекратен, има расположение во САС на МПЦ да отпочне дијалог со СПЦ било директно, било со посредништво од други цркви за да се најде едно решение кое ќе ги задоволи и вистината и правдата, меѓутоа да не се отстапи од она што е вековно, национално право на македонскиот народ.

Кој би требало да го покрене овој дијалог?

Сметам дека САС на МПЦ треба да го покрене тој дијалог, бидејќи нели ние сме во позиција во која треба да ,,чукаме,, и ,,бараме,, и изнаоѓаме решение и покрај тоа што во овој момент, додека не се реши отвореното прашање наметнато од Грција за Уставното име на Македонија, не ни одат многу работи во прилог, а од друга страна и СПЦ има свои проблеми околу Косово, така да мислам дека и кај двете страни има реални показатели кои што укажуваат дека не е дојдено време да се отпочнат такви разговори за дефинитивно решавање на ова прашање кое неоспорно ги влошува и државните релации, покрај црковните.

Значи, дали ова прашање би било покренато во скоро време или ќе се остави за подоцна?

Јас не сум тој што може да каже дека прашањето ќе биде покренато утре или задутре, но јас сум приврзаник на таа опција дека треба да се разговара и никогаш да не се престане со разговорите доколку тоа прашање не се реши, бидејќи само со дијалог тоа можеме да го решиме.

Од друга страна претставници во српската влада изјавуваат дека најголема грешка е направена со вклучувањето на правосудните органи и политичарите. Можат ли овој спор да го решат само црквите?

Бидејќи црквата е оделена со ,,слово на законот,, ние не би сакале да се впуштаме во оценка за судската власт, која делува независно. Дали тие погрешиле или не, сметам дека тоа е нивно право да оценуваат, а не да оценува туѓа држава за еден граѓанин кој е од оваа држава. Лично сметам дека правосудните органи кај нас, можеби згрешиле што многу доцна и долго го водат овој процес, тој треба да биде поефикасен за да се реализираат правните норми кои што еден човек е обврзан да ги почитува во едно демократско општество.

Има ли за Вранишковски друга алтернатива освен затвор?

Дали има друга алтернатива за него, тоа мислам дека тој самиот може да каже отколку ние од страна да даваме совети. Но, очигледно е дека СПЦ и српската држава прават една стратегија за наметнување на една ,,квази,, црква, наспроти една реална црква што постои со децении и векови. Се разбира дека не би можело да се коментира негова поинаква опција и можност бидејќи тој се декларира како клирик на СПЦ со намера да замени една организирана црква. Така да не би давал поголемо внимание ниту на српските власти, ниту пак на СПЦ.

На една друга тема. МПЦ постојано се декларира дека е ,,над партиска,, има ли обиди таа да биде вмешана во партиските активности. На пример, во предизборието имаше ситуација кога Синодот ја одложи средбата на ВМРО ДПМНЕ со поглаварот од кого тие сакаа да побараат благослов?

Црквата е апсулутно религиозна национална институција и над партиска, и така треба да биде. Меѓутоа сите ние сме луѓе од ,,крв и месо,, кои потклекнуваме на разни обиди и такви поединци секогаш ќе има, што ќе отстапуваат од она начело дека црквата е над партиска. Но, верувам дека така и се однесува МПЦ барем што се однесува до последните избори. Барањето на една партија за благослов, за тоа не се разговарало на седница на Синодот, туку тоа можеби било лично барање до поглаварот и затоа не би го дефинирал тоа оти ,,Синодот го спречил,, туку очигледно поглаварот оценил дека такво нешто неможе да се дава на една партија, бидејќи партијата народот го дели, а црквата народот го обединува. Поеднично ако некој бара благослов ние не го прашуваме од која партија доаѓа и секој еден може да добие благослов. Инаку, секоја власт ние ја почитуваме бидејќи е избрана легално од народот, а во црквата ние велиме ,,секој глас е од бога,,.

Од друга страна често може да се слушне, дека кај нас ниту една влада нема доволно направено за подобрување на правата на македонците во соседните држави како Бугарија, Грција, Албанија. Што прави црквата?

Црквата може да делува во една држава која што ги има регулирано националните релации на своите граѓани и таа може да делува онаму каде што тие прашања се решени на државен план. Во овие држави кои вие ги посочивте, вие знаете дека таму прашањето за малцинствата или прашањето за идентитетот на нашиот народ кој живее таму е оспоруван така да МПЦ се обидува да води грижа за нив меѓутоа таа е оновоможена бидејќи нема доволно механизми. Ние помоагме во граници на тоа што можеме, меѓутоа објективно тоа е во прв план државно прашање, а тогаш на таа основа ако ние организираме македонски црковни општини во Бугарија, Грција или Албанија треба да бидеме исто така подготвени да дадеме соодветна можност и тие да се грижат за своите граѓани во Македонија, доколку изразат таква воља.
XS
SM
MD
LG