Достапни линкови

Реална е опасноста од дестабилизација на регионот


Реална е опасноста од евентуална дестабилизација како на Македонија, така и на регионот доколку на овие простори има исламски радикали, оценува стручната јавност. Било каков радикализам е закана, а во земјава постојано се работи на тоа да има тензија, смета Гунер Исмаил, член на Советот за безбедност кој додава

„Да биде загрижувачка работата, обично се случуваат некакви манифестации во коишто може да се препознае некакво дејствување на вакви поединци или групи и сега, се разбира, кругот се затвора. Веста беше објавена, па по извесно време некаква манифестација на такво однесување ќе се случи и така Македонија секогаш се држи под една силна тензија за присуство на исламски радикализам. Јас не велам – не. Веројатно во круговите на македонските граѓани со исламска вероисповест постојат луѓе со различни концепти за религијата. За држење тензија е потребна некаква запаллива смеса. Таа запаллива смеса во Македонија се покажа дека е недоволно да биде составена само од некакви интер-етнички затегнатости или лоши односи. Таа мора да биде засилена. Адитив е и постоењето на исламски радикализам“.

Билјана Ванковска од Институтот за мировни и одбрамбени студии говори за факторите за радикализација во македонија и регионот.

„Нашиот радикализам во регионот се должи на некои други фактори. Тој е зависен многу повеќе од политичкиот развој, од демократизацијата и стабилизацијата, отколку од она што се случува на Блискиот Исток или на други места. Секако дека во време кога нашите конфликти ескалираа во поголема смисла, радикалните струи од други региони наоѓаа плодно тоа. Меѓутоа, мене ми се чини дека ние имаме добри шанси да ги држиме под контрола нашите сопствени проблеми. Ние имаме доволно судири, меѓутоа, за наша среќа тие не се судири на религии. Ние страдаме повеќе од етнонационализам, отколку од било што друго“.

За разлика од неа Павле Трајанов поранешен министер за внатрешни работи случувањата на глобален план смета дека е можно да бидат поттик за акции и на подрачјето на Балканот

„Поради настаните што се случуваат сега на Блискиот Исток и пошироко во Ирак и Авганистан, можно е да добијат инструкции да извршуваат одредени терористички акции на подрачјето на Балканот“.
XS
SM
MD
LG