Достапни линкови

Југославија е мртва, нека почива во мир


Југославија е мртва. Нека почива во мир. Под овој наслов деновиве Вашингтон Тајмс објави анализа за екс југословенската федерација составена од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора.

Последното поглавие во распаѓањето на земјата беше напишано неодамна кога Црна Гора на референдум се изјасни за одвојување од заедницата со Србија. Со тоа и последниот остаток од поранешна Југославија, откако претходно и со војни федерацијата ја напуштија Словенија, Хрватска, Босна и Македонија, беше испратен во историјата. Во врска со референдумот во Црна Гора, македонскиот премиер Владо Бучковски изјави: Сведоци сме на крајот на проектот Југославија, кој своевремено беше создаден со добри намери,,. Господин Бучковски, како што се наведува во анализата на Вашингтон Тајмс, греши во последната поента. Југославија често од западните дипломати беше портретирана како светол обид во иградбата на мултикултурна нација која во една држава ќе ги обединува сите јужно словени. Исковано во илјада деветстотини и осумнаесетата година Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, десетина години потоа преименувано во Југославија беше вештачка креација на победничките сојузнички сили, посебно Британија и Франција. Југославија всушност беше империјалистички проект, односно империја во која доминираа србите. Од нејзиниот почеток Југославија во себе го содржеше семето на сопствената деструкција. Тоа, како што се наведува во текстот на Вашингтон Тајмс, било базирано врз големата лага дека Југославија била создадена од исти народи кои делат заеднички јазик, култура и традиции. Но таа творба беше и етничка крпеница на спротивставени национални групи кои имаа радикално различни култури, религии, истории. Тоа особено се однесуваше на двете најголеми републики Хрватска и Србија. За српските националисти Југославија беше маска за остварување на нивниата цел Голема Србија. Во Хрватска пак, за време на Втората светска војна предводена од усташите во псевдо независната држава, масовно беа убивани сите оние што не беа хрвати. По оваа војна комунистичките партизани на Јосип Броз Тито успеаа да ја обноват Југославија која пак единствено можеше да се одржи врз принципите на Лениновата тоталитарна држава која подрзабира и многу човечки жртви, пишува Вашингтон Тајмс. Кога комунизмот во Источна Европа почна да се распаѓа, тогаш расформирањето на Југославија не беше само предвидливо, туку и неизбежно, наведува весникот кој додава: Распаѓањето на Југославија, како распаѓањата и на другите мултинационални ентитети: Австро Унгарија, Отоманската империја, Советскиот Сојуз и Чехословачка покажува дека идејата да се присилуваат националните групи да живеат во една држава не е само антидемократска, туку и рецепт за катастрофа, се заклучува во анализата објавена во Вашингтон Тајмс.
XS
SM
MD
LG