Достапни линкови

Не е јасно дефинирано финансирањето на политичките партии


Државната комисија за спречување на корупцијата достави мислење до Министерството за правда во кое се бара измени на предлог изборениот законик кој се наоѓа во првата фаза на донесување, во делот на финансирањето на изборните кампањи на политичките партии. Претседателот на комисијата Михајло Маневски објаснува дека треба да биде променет членот кој се однесува на начинот на финансирањето на кампањите, во кој мора јасно да се прецизира кој смее да биде финансиер на изборна кампања, наспроти сегашаната одредба во која само е предвидено кој не смее да финансира кампања на една политичка партија:

„Во предлогот за донесување на изборниот законик има една одредба во која стои како неможе да се финансира изборната кампања, односно од кои средства таа неможе да се финансира, но воопшто не е третирано прашањето за дозволените извори. Според Државната комисија ова е многу важно прашање, бидејќи тука се создава никулецот на корупцијата, кој понатаму по освојувањето на власта генерира широк спектар на коруптивни појави.“

Вели Маневски кој додава дека за спречување на корупцијата во делот на финансирањето на изборните кампањи, мора точно да се утврдат и начините на финансирање на невладините организации кои учествуваат во набљудувањето на изборите:

„Мониторите, односно регистрираните домашни здруженија на граѓани кои ќе вршат набљудување, тие исто така со закон мора да бидат задолжени на отчетност.“

Политичките партии велат дека ќе бидат транспарентни и немаат ништо против да постојат јасно прецизирани правила за тоа од каде добива и колку средства троши една партија за време на изборите, прашање кое со години не е јасно регулирано. Во опозиционата ВМРО ДПМНЕ сметаат дека актуелното донесување на изборниот законик е шанса овие одредби конечно да се презицираат:

„Исто така сметаме дека треба одреден државен орган како што е Државната комисија за спречување на корупцијата во текот на самата изборна кампања да има одредени овластувања за проверка на средствата што се трошат за време на изборната кампања.“

Потенцира Трајко Вељановски од оваа партија. Рафиз Алити од ДУИ, пак смета дека треба да постојат механизми за контрола на партиските финансиери, притоа наведувајќи кои се тие:

„Се знае дека политичките партии покрај членството, имаат и донатори, посебно бизнисмени. И затоа не само поголема транспарентност, туку треба да има и одредени механизми.“

Инаку, законското прецизирање на финасирањето на изборните кампањи неодамна го побара и европреставникот во земјава Ерван Фуере.
XS
SM
MD
LG