Достапни линкови

Јован Манасиевски, министер за одбрана. Укинувањето на обврската за служење на воениот рок до крајот на годинава


Господине Манасиевски, очекувањето дека 2006 година е година за влез во НАТО не се остварија, кои се вашите очекувања за понатамошно НАТО интегрирање на земјава?

Сите подготовки на нашата држава за НАТО интеграција се одвиваат извонредно. Впрочем, тоа не се само наши оценки, туку тоа се оценки и од самата НАТО алијанса. Самитот на којшто ќе се одлучува за приемот, ќе се одржи во пролетта 2008-та и нашата држава особено преку МНР, во текот на целата оваа година ќе вложува диломатски напори, во завршните документи на самитот од 2006 година, иако заклучоците ќе бидат посветени на процесот на внатрешна трансформација, сепак се најде и еден заклучок сличен на заклучокот од мадридскиот самит, каде што експлицитно ќе бидат наведени земјите коишто ќе бидат поканети на наредниот самит. И на тој начин, се создава уште еден механизам или уште една вербална обликација, дека тие држави што ќе бидат споменати во завршниот документ, веќе на наредниот самит ќе бидат поканети.

Македонија го очекува тоа?

Да, врз основа на нашата работа, сметам дека таа покана се разбира потполно ќе ја заслужиме, затоа што споредено со процесот на интеграција во ЕУ, Македонија веќе го има статусот на земја кандидат за членство во НАТО, така што, врз основа на искуствата од претходните држави во нивниот процес на апликација и натамошните преговори, ние може да заклучиме дека ако си ја сработиме нашата работа, а таа е поширока и не се однесува само на МО, видовте дека забелешките од НАТО беа во најголем дел сконцентрирани на судските реформи, недоволниот економски развој и проблемите во спроведувањето на локалните избори, но убеден сум дека со работа на двата фронта, најголем дел од политичките критериуми ќе успееме годинава да ги совладаме и во однос на капацитетот и во однос на роковите до кога тие капацитети треба да се постигнат.

Може ли да направиме еден кус осврт за тоа што не очекува годинава кога станува збор за трансформацијата на одбраната?

Суштинската, извршната фаза на трансформацијата започна во март 2005 година и ние за девет месеци успеавме да трансформираме 60 насто од единиците и командите на АРМ, за 2006 година се предвидени дополнителни 30 насто. Значи, годинава ќе се ја завршиме со 90 насто трансформирани единици и команди на АРМ.

Во насока на реформите e и професионализацијата на АРМ, до каде се плановите со ова и кога ќе почне спроведувањето?

Прдвидено е тоа да заврши во 2007 година. И во 2006 година од Министерството за финансии веќе е добиено одобрение за прием на 1200 професионални војници. Прашањето на укинувањето на обврската за граѓаните на Република Македонија за отслужување на воениот рок се разбира е тесно поврзана со ова прашање и првично според стратегиските документи тој процес требаше да се поклопи со процесот на завршување на професионализацијата. Но, ние во Министерството за одбрана сметаме дека имаме услови тоа да се изврши и предвремено. Аргументите за тоа се едноставни. На пример, ние во моментов имаме некаде околу 1,400 регрути. Што значи, дека ако се реализира приемот на 1200 професионални војници до крајот на 2006 година, тие не само што квантитативно ќе ги субституираат овие 1,400 регрути, туку, бидејќи се работи за професионални војници, на квалитативен план ќе имаме покачување на нивото на борбената готовност. Така што, од аспект на исполнување на условите на укинувањто на обврската за служење на воениот рок, сметам дека тој процес ќе можеме да го завршиме до крајот на 2006 година. Се разбира, за тоа се потребни соодветни законски измени и при законските измени мора многу да се внимава. Затоа што, преку законот државата може да ја укине само обврската за служење воен рок, но не и правото, така што како замена на обврската всушност ќе имаме доброволно служење на воениот рок, коешто ќе биде скратено и нема да има потреба да трае повеќе од три месеци и всушност на тој начин ќе им се гарантира и уставното право на оние граѓани на Македонија кои сакаат да го искористат тоа право.

Во контекст на НАТО интеграциите на земјава е и соработката со земјите од јадранската група. Како ја оценувате таа соработка?

Соработката, се разбира има континуиран напредок. Лани успеавме заеднички да ја лансираме на терен и заедничката медицинска екипа. Така што, врз основа на тоа искуство, годинава веќе може да се размислува и за некој посериозен заеднички напор и годинава како што реков е најинтензивна особено од аспект на изведување на заеднички вежби, посебно значајни за стекнување на едно повисокот ниво на интероперативност.

Како дел од НАТО аспирациите е и учеството во меѓународните мировни мисии, се најавуваше зголемување на бројот на нашите војници?

Учеството во мисиите за Република Македонија има двојно значење. Прво, политичкото значење е големо. Вториот аспект е многу битен исто така, со учеството на нашите војници и старешини во овие операции се стекнува едно незаменливо искуство и токму заради овие два фактори ние планираме не само да го продолжиме, туку и да го удвоиме бројот на припадниците на АРМ што ќе учествуваат во мировните операции. Во Ирак планираме да продолжиме со веќе зголемена бројка од 40 припадници на АРМ. Во Авганистан исто така значително ќе ја зголемиме бројката по повеќе основи. Во последниот квартал на 2006 година ќе се вклучиме и во мисијата АЛТЕА во БИХ. Со самиот чин на прифаќање на нашето учество, всушност ние земам учество и во заедничката одбранбена политика на ЕУ, што е особено значајно за ЕУ интеграцијата.

Господине Манасиевски, во изминатите месеци беше актуелен случајот со генералот Стојановски, инициран од хрватската јавност. Сметате ли дека овој случај фрли сенка на луѓето ангажирани во АРМ?

Можеби за инспираторите на оваа афера, можеби тоа била една од целите, но генералот Стојановски е офицер со исклучително позитивно професионално досие. Процесот во Хрватска доби едно правно канализирање и јас очекувам завршување во најкус можен рок, се разбира во полза на генералот Стојановски, затоа што нема докази кои би го нарушиле неговиот личен и професионален интегритет.

За крај, како ја оценувате безбедноста во регионот и во контекст на престојните разговори за решавње на косовското прашање?

Во контекст на безбедноста, релевантни се нашите оценки, но најнепристрасна оценка може да добиете од повеќето извештаи кои ги лиферуваат повеќе меѓународни ирганизации. Јасно се гледа од овие извештаи дека има напредок. Како дел од тој напредок ние го добивме и статусот кандидат за членство во ЕУ. Се разбира, Република Македонија е држава во која пред само четири години имаше воен конфликт и од време на време се случуваат помали афтер шокови од тој конфликт, меѓутоа тие случувања треба да се третираат рутински, низ процедура што државата ја има изградено низ законите. Развојот на ситуацијата на Косово секако е предизвик за целиот регион. Сметам дека тој развој на ситуацијата, треба да се гледа порелаксирано, затоа што ние имавме непријатни случувања во текот на 2004 година, коишто беа навистина незгодни. Всушност, со самите тие случувања најдобро не се снајдоа и силите на УНМИК и НАТО на Косово, поради низа објективни околности, но немаше прелевање на тие мошне сериозни конфликти во Република Македонија. Се разбира дека нашите органи, нашите институции, мора да бидат подготвени и за најлошите можни сценарија и тие ги прават сите подготовки. Но, поентата е и Република Македонија како непосреден сосед, со еден конструктивен однос, да го помогне тој процес, затоа што и меѓународната заедница има многу инвестирано во тој процес и нема да дозволи развојот на настаните да добие некои непријатни димензии.
XS
SM
MD
LG