Достапни линкови

logo-print

Швајцарската влада ги отфрли барањата за зголемување на нејзината улога


Швајцарската влада вчера ги отфрли барањата за зголемување на нејзината улога во врска со контроверзите околу тајниот документ што во минатата недела беше објавен во весникот Зонтагсблик, а кој укажува на тајни американски затвори во Европа. Владата смета дека документот не дава никакви директни докази за постоењето на такви затвори.

Во документот за кој весникот вели дека бил факс на египетската влада се наведува дека ЦИА имала затвори во Европа. Во факсот се прецира дека египетската амбасада во Лондон преку нејзини извори утврдила оти Соединетите Држави држеле дваесет и тројца осомничени за тероризам во Романија. Исто така, според весникот, во документот се наведувало оти слични такви затвори имало и во Украина, Полска, Косово, Македонија и Бугарија. Тоа предзвика бура реакции во неутрална Швајцарија и притисоци до владата и официјално да реагира до Соединетите Држави. Реагираше и швајцарскиот пратеник Дик Марти кој од името на Советот на Европа ја води истрагата околу овој случај. Тој е убеден дека ЦИА имала тајни затвори во Европа и оти европските влади им се прилагодиле на илегалните активности на американската разузнавачка агенција.

„Сакам да бидам јасен дека проблемот не се однесува само на Романија или на Полска. Би било многу едноставно ако ги обвинуваме само овие две земји. Мислам дека цела Европа прифатила да молчи, бидејќи тоа се случувало и во други држави. “

Вели Марти кој оценува дека неговата влада има шокантен став спрема ваквата американска политика. Швајцарската влада пак смета дека египетскиот документ не е спектакуларен. ,,Немаме докази, туку индикации,, вели министерката за надворешни работи на Швајцарија Мишелин Калми Реј. Нејзиниот колега, инаку, министер за внатрешни работи Паскал Кучепин на ваков начин ги негира критиките во врска со владините реакции во однос на наведените американски активности во Европа: ,,Швајцарија ги брани моралните принципи, но таа не е Света столица за човековите права,,. Како и да е, Марти најавува дека нема да ја прекине истрагата во барањето докази во наредните дванаесет месеци. Досега американската влада ниту ги потврди, ниту ги негира извештаите за тајните затвори. Токму тие пак, како што е познато, доминираа за време на европската турнеја на државниот секретар Кондолиза Рајс во минатиот месец.
XS
SM
MD
LG