Достапни линкови

Петар Гошев, гувернер на НБМ. Македонија треба да троши толку колку што создава


Веќе 15 години Македонија ја креира својата макроекономска политика во тесна соработка со ММФ и Светската Банка, но искуствата на земјите од соседството покажуваат поинакви примери. На пример, СЦГ и Романија ја откажуваат помошта од овие меѓународни финансиски институции, додека Словенија е класичен пример кој покажува дека се развива без помош од овие институции. Зошто Македонија останува врзана со овие две меѓународни финансиски институции и нудат ли тие развој?

Па, ако се одврземе многу сме немирни. Не се соодветни споредбите. Секоја земја е специфичен случај. Тоа е едната работа. Од земјите што ги споменавте, Словенија немала потреба од аранжман, затоа што нивото на економијата, фунцкионирањето на државата и од политичка и економска гледна точка била далеку пред нас. Ние знаеме и пред распадот на Југославија на кое ниво беше Словенија и потоа разликите меѓу нас и Словенија се големи, едноставно тие немаа потреба од тоа, како и други држави во светот. Што се однесува до СЦГ тие не беа во ситуација и да бараат аранжман, затоа што знаете каква политика до скоро водеше Србија, со конфронтација со меѓународната заедница. Сега тие преговараат за аранжман. Знам дека имаат проблеми и застој во преговорите, но мислам дека тие секако ќе имаат аранжман. А, ако го немаат сега под овие услови под коишто го бара ММФ ќе го имаат подоцна под потешки услови. Едноставно, тие мора да го изодат патот на реформите, затоа што не верувам дека се способни самите да покажат институционален капацитет, политичка волја, финансиско – економска дисциплина каква што бараат структурните реформи и мислам дека сегашните прекини се на штета на Србија.

Во увтрдувањето на рамката на буџетот се предизвика незадоволство во повеќе ресори со сомневање дека ќе може да се остварат планираните програми за годинава. Зошто Македонија нема пари да ги покрие потребите во буџетот?

Прашањето е дали ќе трошите повеќе од тоа што создавате и дали може да го наполните буџетот низ нормално оптоварување на даночните обврзиници, на граѓаните и фирмите или пак ќе сфатите дека треба да трошите колку што создавате. Ако некој постојано бара да потрошиме повеќе од тоа што создаваме, се поставува прашањето кој ќе го плати тоа. Плаќањето треба да стигне однадвор, а таму може да бидете задолжени толку колку што тие проценуваат дека можете да вратите. Но, истовремено, не само што проценуваат тие, туку и вие треба самите да процените колку може да вратите од земените кредити затоа што тие секогаш треба да се вратат. Најлесно е да се бара да се потроши повеќе. Мојот личен став е дека ние треба да трошиме толку колку што создаваме. Ако сакаме да трошиме повеќе тоа може да се оствари на здрав начин само ако создаваме повеќе. И загатката е во нивото на продуктивноста и ефикасноста на економијата и вкупниот економско политички систем.

Ги споменавте даноците како еден од најголемите извори за полнење на буџетот. Што е со случајот даночна пирамида, порано од позиција на опозиционер често пати можевме да ве слушаме како зборувате за незаконско прелевање на парите во приватни џебови. Мислите дека денеска климата е променета во Македонија и дали политичките елити ги штитат бизнис олигарсите и како се создава даночната пирамида?

Не би ги коментирал тие прашања. Не сум неинформиран, ги следам главните трендови. Но ова прашање е за луѓето од извршната власт.

Дали Македонија може да се надева за покренување на економијата по добивањето препорака за добивање статус на кандидат за членство во ситуација кога имаме домашни обврски, завршување на реформите, борбата против корупцијата, односно организираниот криминал којшто на некој начин претставуваат пречка во влегувањето на странските инвестиции?

Самата кандидатура нема да ги реши проблемите. Кандидатурата е признание дека нешто сте направиле, а образложението вели дека треба уште многу да направите за да станете членки на ЕУ. Решението е во позабрзано остварување на структурните реформи, на јакнењето на инстутуционалниот капацитет на земјата и достигнување на ниво на здрава функционална економија, на што посебно инсистира ЕУ. Овој аранжман со ММФ е мошне добар аранжман, комбиниран со аранжмани со Светската банка. Овој аранжман се фокусира на структурните реформи. Во судството, пазарот на трудот, институциите. Ако овие реформи се остварат, неминовно е дека тие се основа за остварување повисок стопански раст.

Кога во Македонија може да се очекува пад на капатните стапки?

Каматите се производ на основата на економијата. На здравоста на економијата, на политичката стабилност, на функционирањето на судството, на стравот дали ќе има валутен ризик, на оперативните трошоци во финансискиот систем, на нивото на штедењето. Значи повеќе причини влијаат зошто каматите на одредено ниво. Многу од овие ситуации ако се поправат ќе паѓаат каматите. Во моментов имаме подобри услови за намалување на каматите од лани, кога имавме ситуација, моравме да ги зголемуваме ние. Заради подобрите услови во годинава, подобра ситуација во секоторот извоз – увоз, повеќе девизи на девизниот пазар. Помал дефицит на тековната сметка на платниот биланс. Лани беше осум насто, годинава може да завршиме со четири. Тоа создава подобри услови, подобра понуда на девизниот пазар. Банките исто така го менуваат односот. Затоа ние донесовме одлука да го промените начинот за утврдување на каматната стапка и од таа промена еве за 20-тина дена имаме намалување на каматната стапка на благајничките записи од десет на 8,88 насто. Дали тоа ќе продолжи ќе заврши од трендовите во економијата. За сега линијата е добра, но се зависи за трендовите.
XS
SM
MD
LG