Достапни линкови

Зајакнување на институцијата и имплементација на законодавството на ЕУ


Пред македонската Царина се низа на обврски чие што исполнување во мислењето на Европската комисија е посочено како клучно. Станува збор за укинување на надоместоци за царинска евиденција во висина од 19 евра, а според мислењето на Европската комисија се во спротивност со европското законодавство, укинување на царинскиот надомест за распределба на тарифните квоти во висина од 100 ева, а предвидено е и понатамошно јакнење на административниот капацитет на управата за имплементирање на целокупното законодавство на Унијата, зајакнување на компјутерскиот сектор за да се овозможи висок степен на компјутеризација и поврзаност на царинскиот систем на земјава со системите на земјите членки на Унијата и на Комисијата. Сето ова треба да се исполни во наредните пет години, рок поставен во националната програма што владата треба да ја усвои до крајот на оваа година. За тоа колку средства се потребни за остварување на обврските советникот во царинската управа Златко Ветеровски информира:

„Согласно она што ние го изработивме и што е во нацрт фаза значи тоа не е конечно усвоено, бидејќи треба да биде усвоено од Владата, нашиот предлог е дека за наредниот 5 годишен период, ќе бидат потребни околу 7,5 милиони евра за зајакнување на Царината. Дел од тие пари ќе бидат обезбедени од буџетот, а дел од донации во наредниот пет годишен период.“

Според експертите клучно во спроведувањето на обврските ќе биде зајакнување на персоналниот капацитет:

„Директно успешноста и зајакнувањето на Царината не зависат од износот на средствата, туку институционално зајакнување подразбира успешност на персоналниот капацитет, во смисла на политичка независност и компетентност.“

Изјави Абдулменаф Беџети професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Деновиве во Царината на барање на Европската унија престојува оценувачка мисија за административниот капацитет на Царината за спроведување на правила за потекло, но ќе има и други вакви мисии:

„Тие обично се ненајавени мисии, бидејќи генерално зависат од тоа кои области се сметаат за проблематични или каде што им требаат дополнителни информации, тогаш се прават такви мисии.“

Изјави Ветеровски.
XS
SM
MD
LG