Достапни линкови

Никола Груевски, лидер на ВМРО ДПМНЕ. Работиме да добиеме доволно пратеници, за релаксирано да формираме Влада на следните избори


Г-дине Груевски за прв пат во последниве години, ВМРО ДПМНЕ според анкетите има поголем рејтинг од владеачката СДСМ. Ви дава ли една ваква опозиција простор за опуштање и полежерно да ги дочекате наредните парламентарни избори?

Не би рекол дека ни дава можноста да се опуштиме затоа што прво, до парламентарните избори има многу време, а второ ние имаме исто така уште многу работи кои треба да сработиме. Влегуваме во една посебна фаза - година на избори, во која што треба да се покажат и некои други работи од она што беше до сега. Тоа инаку покажува дека политиките кои што ги водиме се во вистинска насока и довербата од граѓаните се зголемува, меѓутоа за победата на изборите ние имаме уште многу да сработиме и ние сме подготвени за тоа.

Г-дине Груевски Владата некако како да нема слух за критиките кои ги упатува опозицијата. Во тоа се уверивме на последната собраниска седница за доверба на Владата. Што во една ваква ситуација може да направи опозицијата?

Нормално ние како опозиција имаме ограничени можности и во рамките на тие можности ние секако нема да продолжиме да вршиме притисок врз Владата, да го исполни она што го ветила, да не прави нови пропусти и нормално да даваме идеи за тоа што треба да се направи. Нормално сето ова ќе го правиме во рамки на инситуциите на системот, во рамките на она што се вика правна држава.

За еден месец се очекува одговорот од Европската Комисија за барањето на Македонија за добивање на статус на земја кандидат за членство во ЕУ. Што може Македонија да направи во последниов месец за поолабавено да ја дочека оценката на Европската Комисија?

Во секој случај она што мислам дека најмногу може да помогне, тоа се реформи во економијата. Секако тоа е поврзано и со реформите во судскиот систем, кои мора да се направат, но не вака како што „тргна“ владата бидејќи најголемиот дел од експертите од Македонија, но и странските експерти се против овој начин на спроведување на реформите, односно оценката е дека тие ќе бидат неуспешни и во некои слуачи дополнително ќе ја влошат состојбата. Меѓутоа, генерално се согласувам дека треба да се направат реформи, ние дадовме во медиумите и наше експертско мислење, во правец на тоа како треба да се спроведат тие реформи, меѓутоа останува да видиме дали Владата ќе ги прифати. Мислам дека тука се оние работи, кои би можеле да се направат. Ние сме сега во ситуација да очекуваме каков ќе биде одговорот. Но, тој сигурно нема да биде ,,чисто,, позитивен или чисто ,,негативен,, значи тие два екстрема ги исклучуваме. Тој одговор ќе биде мешавина од она што е добро направено, и она што е лошо направено, или воопшто не е направено и треба да се направи, како што се реформи и фер и демократски избори. Така што веројатно Владата ќе се обиде сето тоа што е позитивно да го истакне во јавноста, а да ги стави настрана сите критики или негативни работи, меѓутоа тие повторно ќе дојдат на маса, од тие неможе да избега, а и неможеме сите ние како држава да избегаме, така што треба да сериозно да се анализираат и позитивни и негативните страни. Јас мислам дека Македонија сега има добра шанса со добивањето на одговорот, малку подоцна да добие и статус кандидат, но останува да видиме. Вообичаено до сега статусот на кандидат се дава на првиот наред самит на ЕУ, а тој е сега во декември, и ако се оди според досегашната традиција ние во декември би требале да добиеме статус на кандидат и веројатно многу услови кои треба да се исполнат. Меѓутоа се плашам дека, ако работите тргнат на лошо, можно е да се случи тој статус на кандидат да не се даде на првата наредна седница на самитот и да се одложи за некоја од наредните. Тука ние треба многу да работиме, како држава. Тука Владата, сите други институции и опозицијата, треба да се обиде да делува доколку е можно во декември да се стави нашето прашање на дневен ред, како што било досега, ако се одложи тоа е многу лошо за Р Македонија. Ако она што го добивме од НАТО беше „шлаканица“ ова ќе биде десет пати полошо. Значи целата концентрација треба да биде насочена не само во ноември, уште повеќе во декември. Дали до декември ќе добиеме статус на кандидат!? Ако не го добиеме тоа во декември, тоа не е гаранција дека во март или јуни или понатаму во некој близок рок, дека ќе го добиеме. И тоа ќе биде многу лош сигнал за Р Македонија.

Актуелно деновиве е и прашањето околу спорот со името со Грција. Премиерот Бучковски по средбата со британскиот премиер Тони Блер, изјави дека овој спор може да претставува и пречка за процесот на интеграција на Македонија во ЕУ. Кој е вашиот став?

Премиерот очигледно е дека ја вжештува атмосферата и се чини дека тоа го прави малку и засилено. Се чини дека некој како да сака да подготви атмосфера за поголема отстапка од страна на Р Македонија, поврзана со уставното име. Тоа мене ми личеше дека може да оди во тој правец, уште во времето кога беа отфрлена неколку идеи на ВМРО ДПМНЕ, како декларацијата за неменување на името во Парламентот, како идеата за референдум на власта и опозицијата за неменување на името. Сега веќе работите доаѓаат на свое место, во смисла на она што се насетува. Премиерот се чини, нагласено во последно време зборува и користи прилики да каже дека ние нешто веројатно ќе треба да биде поконструктивни и да направиме поголеми отстапки. Јас не сум толку убеден дека на таа средба толку многу се разговарало за името, но очигледно нему му е потребно, и медиумите кои се блиски до него, не пропуштаат прилика, а да не говорат колку ние сме во ситуација во која мораме да бидеме конструктивни. Тоа е една атмосфера која покажува дека нешто во позадина се готви, нешто што македонската јавност не го знае, а што може да ни дојде на маса многу брзо. Ние будно ја следиме ситуацијата, меѓутоа како опозиција ги немаме сите информации, можеме само да насетуваме од она што го гледаме, а тоа е дека нешто се случува по прашање за името и се плашам во наредниот период да не ни се случи нешто „покрупно“.

Останува уште неполна година до парламентарните избори, во вашите настапи говорите дека сте убедени дека ќе победите, кои би биле вашите првични потези доколку ја добиете власта?

Сосема е јасно дека атмосферата оди во тој правец, ВМРО ДПМНЕ да победи на следните парламентарни избори. СДСМ во изминативе три години покажа многу слабо работење во Владата, покажа огромна корупција и криминал, неефикасност, на полето на вработувањето наместо тоа да опаѓа, тоа расте, странските инвеститори уште повеќе отколку претходно ја заобиколуваат Македонија, трговскиот дефицит расте, итн, итн... Демократијата падна на најниски гранки. Така што Владата, утре да има избори, тие немаат што да понудат, освен можеби да кажат дека исполниле еден дел од Рамковниот договор или значаен дел од Рамковниот договор, но на граѓаните не им е доволно само Рамковниот Договор, тие не ја избраа Владата само за Рамковниот Договор да го исполнува. Убаво е тоа што се исполнија некои работи, меѓутоа што се животот, што со работните места, што се инвестициите, што со стандардот, што со демократијата, човековите права со се она што се вика секојдневен живот од кој што еден македонец, или албанец, или турчин итн. очекува подобар живот. Спремајќи ја нашата програма, чија прва верзија е веќе готова, спремајќи го и тимот со кој што ќе излеземе пред изборите и после изборите, има огромен простор ВМРО ДПМНЕ да биде сигурен победник на следните парламентарни избори.

Вашиот претходник и сега политички опонент Георгиевски во една прилика изјави дека заедно со Џафери и Груевски, тоа е идеалната тројка за формирање на идната Влада. Можна ли е една ваква коалиција по парламентарните избори 2006-та?

Самите избори ќе покажат како ќе биде и што ќе биде после изборите. Јас засега сум концентриран на прашањето да победиме на таков начин, да и да правиме некаква коалиција со било кого, тоа да биде на еден порелаксиран начин. Знаете пред една година кога ВМРО ДПМНЕ беше во внатрешни битки, чудно ме гледаа луѓето кога ќе кажев дека ќе излеземе како победници на следните парламентарни избори, но еве се случи. Сега сум многу повеќе концентриран не да победиме на следните избори, туку да победиме со доволен број на пратеници. Да имаме релаксирано составување на Влада, да не дојдеме во ситуација да неможеме да смениме министер или секој претседател на коалиционите партнери да биде мал премиер во Владата или нешто слично. Тоа е она на што ние сега се концентрираме.

Г-дине Груевски и последното прашање, за меѓуетничките односи во земјава кои се оценуваат како релативно стабилни. Но ние сме сведоци дека од страна на опозиционите партнери на албанците, повторно доаѓаат некои радикални изјави. Г-динот Џафери во една прилика повторно ги спомна идеите за поделба на Македонија?

Досега традиционално во Македонија, сите албански опозиционери настапувале на таков начин и тоа е најверојатно некоја традиција кај албанската опозиција и од тој аспект ние не ги земаме толку многу сериозно тие изјави, меѓутоа сега за сега тие изјави ги земаме како опозициона борба на еден опозициониер во албанската етничка заедница каде што сега е традиција така да се зборува. Добро е што некој само го зборуваат, затоа што некои и го правеа тоа, како да речеме, нападнаа, киднапираа, убиваа, палеа села, така што понекогаш човек кога ќе види кое е помало зло од две зла, очигледно подобро е некого само да го слушаш, отколку тоа да го прави на терен.
XS
SM
MD
LG