Достапни линкови

logo-print

Странските инвестиции во ЈИЕ во пораст


Во најновиот извештај на Обединетите Нации се наведува дека странските инвестиции во југоисточна и источна Европа веќе четири години се во пораст. Во минатата година е постигнат и рекордот: триесет и пет милијарди долари. Осумдесет насто од овие средства отидоа за Бугарија, Романија, Русија, Казахстан и Азербејџан.

Годишниот извештај на Обединетите Нации се смета за еден од најсодржајните индикатори за странските директни инвестиции во светот. Овие инвестиции, според економистите, се најголемиот поттикнувач на глобализацијата и на пазарното поврзување. Соединетите Држави и натаму остануваат водечки и во двете категории, односно и како замја со најголем прилив на инвестиции, но и како земја која најмногу инвестира во странство. Веднаш зад Соединетите Држави е Британија, по што следува Кина. Во извештајот е пресметано дека странските директни инвестиции во минатата година достигнаа девет илјади милијарди долари и оти во овие зделки биле вклучени околу седумдесет илјади транснационални компании. Во Југоисточна Европа, најмногу инвестиции имало во Романија, пет милијарди долари. Тоа, како што се наведува, било резултат од приватизацијата на Романската нафтена индустрија Петром која беше купена од австриски ОМВ. Во Бугарија пак, Телеком Австрија го презеде бугарскиот Мобител, додека американскта фирма Вива Венчрс ја доби контролата врз Бугарските телекомуникации. Инаку, Романија самата привлече повеќе директни странски инвестиции од другите пет земји во регионот заедно: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора и Хрватска. Ниското ниво на директните инвестиции во регионот се рефлексија на малиот бруто домашен производ на тие земји, како и на постконфликната нестабилност во регионот. Што се однесува до Русија, таа во минатата година привлекла околу дванаесет милијарди долари. Каи Хамерих, претседател на Светската асоцијација на инвеститорски агенции вели дека тоа е релативно ниско ниво ако се има предвид рускиот потенцијал:

„Постои извесно одвраќање на странските инвеститори од Русија, бидејќи таму не постојат значајни институции кои ќе го штитат нивниот капитал. Како и да е, Русија е важен пазар.“

Во врска со натамошните инвеститорски трендови во светот, Хамерих очекува во наредниот период да се појават таканаречени стратегиски сојузи меѓу големите комапнии. Како пример тој го наведува поврзувањето на јапонски Сони и на шведски Ериксон во две илјади првата година во сферата на мобилната телефонија.

„Можностите се на пример, практикувањето на се повеќе и повеќе нови форми на странско директно инвестирање. Тука од особено значење за земјите во развој се стратегиските сојузи кои работат врз сосема поинакви основи од оние што ги знаеме.“

Вели Хамерих. Инаку, во извештајот на Обединетите Нации се наведува дека порастот на странските инвестиции во Југоисточна Европа и во земјите на поранешниот Советски Сојуз ќе продолжи и натаму.
XS
SM
MD
LG