Достапни линкови

Воената парада на Црвениот плоштад во Москва централна манифестација


Воената парада на Црвениот плоштад во Москва беше централната манифестација по повод Денот на победата над фашизмот. Учесниците во парадата ги поздрави рускиот министер за одбрана Сергеј Иванов.

„Ви ја честитам 60-годишнината од победата во големата патриотска војна.“

На многубројните присутни, воени ветерани, граѓани, светски лидери, меѓу кои американскиот претседател Џорџ Буш, францускиот Жак Ширак, германскиот канцелар Герхард Шредер, јапонскиот премиер Јуничиро Коизуми, им се обрати рускиот претседател Владимир Путин. Тој истакна дека 9-ти мај е возвишен датум за сите демократски општества во светот, датум кој треба вечно да остане во сеќавање. Тогашниот Советски Сојуз, во годините на војната, загуби 10-тина милиони свои граѓани од сите националности, рече Путин, оддавајки им признание и на другите држави кои му се спротиставија на нацизмот.

„Ние никогаш не ја делевме победата на своја и туѓа и секогаш се сеќаваме на помошта од сојузниците, Соединетите Држави, Велика Британија, Франција и сите други што беа во анти-хитлеровата коалиција, како и на помошта од германските и италијанските анти-фашисти.“

Владимир Путин, во обраќањето, Денот на победата врз фашизмот го нарече празник на мирот, истакнувајки дека светот веќе никогаш не смее да дозволи нови војни, ниту студени, ниту вистински.

„Во услови на постоечките закани од тероризмот, ние треба да останеме на патот на нашите татковци и да го одбраниме светскиот мир, базиран врз безбедност и правда, како и врз нови односи меѓу државите, и да не дозволиме повторување на каква и да е студена или на вистинска војна.“

По церемониите на Црвениот плоштад, државните делегации положија венци на споменикот на незнајниот јунак, а потоа во Кремљ, претседателот Путин приреди прием за лидерите на странските делегации и за воените ветерани. Илјадници руски полицајци и војници се распоредени во Москва како дел од вонредните мерки за безбедност за време на прославата.
XS
SM
MD
LG