Достапни линкови

Затворени гласачките места


Во 19 часот беа затворени повеќето избирачки места каде што денеска имаше гласање и делумно прегласување на првиот и вториот круг од локалните избори. Право да гласаат по предвидениот термин за затворање на избирачките места имаат само граѓаните кои по 19 часот се затекнале на местата определени за гласање. Можност за продолжено гласање има и во избирачките места во кои имало прекини при денешното изјаснување на граѓаните, но не подолги од три часа. Можност да гласаа днеска имаа вкупно 666.492 избирачи на 885 гласачки места. Втор круг од локалните избори имаше во осум општини и во градот Скопје, а прегласување во 11 општини на 53 избирачки места. Во сите скопски општини се гласаше за избор на градоначалник на Скопје, а во Чаир, Шуто Оризари и во Бутел се избираше и градоначалник на општините. Во вториот круг градоначалници се избираа во Куманово, Зелениково, Конче, Студеничани, Тетово, Кичево, Чаир, Шуто Оризари и Градот Скопје. Прегласување на вториот круг имаше и на пет избирачки места во Бутел, на три во Долнени, две во Штип, пет во Македонски Брод, четири во Охрид, на едно избирачко место во Зрновци, на 23 во Липково, на три во Чучер Сандево, две во Кривогаштани и на четири во Маврово - Ростуша. Прегласување на првиот круг за градоначалник и за советници имаше на едно избирачко место во Брвеница, а само за советници на едно избирачко место во Маврово - Ростуша. Според последните податоци што ги објави ДИК, со 15 часот во осумте општини и градот Скопје на повтореното гласање и вториот круг од локалните избори излегле 22,31 отсто. Во Скопје одѕивот изнесувал 16,29 отсто. Невладината МОСТ соопшти дека одѕивот на гласачите на денешниот повторен втор круг избори до 17 часот изнесувал 21,5 проценти. МОСТ забележал и повеќе неправилности: полнење на кутии и гласање на едно за повеќе лица. Вчера гласаа внатрешно раселените, болните и изнемоштените лица, воените обврзници, како и лицата што се на издржување казна затвор или притвор, во општините каде што се гласа за вториот круг од локалните избори или каде што се врши прегласување.

Државната изборна комисија вечерва потврди дека се избрани градоначалници на 10 општини каде што денеска се гласаше или прегласуваше во првиот и вториот круг од локалните избори. Тоа значи дека досега се избрани градоначалници на 75 од вкупно 84 општини.

ДИК се очекува вечерва да ги објави победниците во градоначалничката трка и во преостанатите девет општини и во Градот Скопје.

Резултати од гласањето и прегласувањето на првиот и вториот круг од локалните избори одржани на 10 април:

Од Коалицијата предводена од СДСМ градоначалници се избрани во општините:

Маврово-Ростуше - Фуад Дурмиши
Охрид - Александар Петрески
Од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ градоначалници се избрани во општините:
Конче - Стојан Лазаров,
Бутел - Петре Латиновски
Зрновци - Благој Николов

Од ДУИ градоначалници се избрани во општините:

Студеничани - Ајаудин Зеќири
Брвеница - Џелал Рамадани
Липково - Беќир Сакипи.

Кандидати предложени од група избирачи победија во општините:

Кичево - Владимир Толески
Чучер Сандево - Војислав Киранџиќ

Се уште не е потврден изборот на градоначалници во Скопје и во општините: Македонски Брод, Штип, Кривогаштани, Долнени, Куманово, Зелениково, Тетово, Чаир, Шуто Оризари.

Државната изборна комисија е должна во рок три дена од денот на одржувањето на изборите да ги објави вкупните официјални резултати од спроведените избори за советници и градоначалници.
XS
SM
MD
LG