Достапни линкови

Средба на анти корупциските експерти од југоисточна Европа


Трговијата со луѓе, со оружје, со дрога, се најчест организиран криминал во балканските транзициони земји. Република Црна Гора, веќе има специјален обвинител за организиран криминал. Дека криминалот не познава граници, туку таквите организации соработуваат меѓународно го потврдува и случајот којшто тие го откриле, рече државниот обвинител на Црна Гора Наташа Меденица:

„За тие шест месеци имаме шест пријавени лица, од кои четири веќе оптужени за трговија со луѓе, односно работна експлоатација. Жртви беа странци, Украинци. А, на чело на организацијата беше Украинка која ги носеше работниците во Црна Гора. Во затвор пак се наоѓа и обвинет за 200 килограми кокаин, а процесот е во тек.“

И Хрватска има проблем во трговијата со луѓе, но како транзит земја. Преку нејзината територија, често се пренесуваат илегални имигранти. Трговијата со оружје пак, после војната е намалена, вели државниот јавен обвинител на Хрватска Дарко Новосел:

„Кога е во прашање организираниот криминал специфичен за Хрватска е економскиот криминал, поради големата заработувачка. За шверцот со цигари, заработувачката е голема, а казните помали. Зошто да се занимаваат со наркотични средства кога вака заработуваат подобро,“

рече Новосел, но потенцираше дека голем е проблемот и со трговијата со наркотици.

Во Србија и Црна Гора покрај недозволената трговија присутна во сите балкански земји, специфични се и убиствата од мафијашките земји:

„Луѓе се лишуваат од живот и им се нанесуваат тешки телесни повреди за одредени групи да си ги реализираат своите замисли кои претставуваат организиран криминал и тие одговараат на такви обвиненија,“

рече обвинителот Слободан Јанковиќ.

Обвинителот на БИХ пак, вели дека и неговата земја е подложна на криминалните пороци на транзиционите земји:

„Криминалот што доаѓа од југоисточна Европа, а меѓу него и трговијата со луѓе, оди преку нашата земја и ние успешно се бориме против него,“

рече обвинителот на БИХ.

Со приклучувањето на Бугарија и Турција кон меморандумот за соработка на јвните обвинителства, целиот балкански регион ќе биде вклучен во меѓународната борба против организираниот криминал.
XS
SM
MD
LG