Достапни линкови

Недоволна запознаеност со зголемените ингеренции


Општ е впечатокот дека новите општински градоначалници во земјава, не се доволно запознаени со зголемените ингеренции, а со тоа и обврски кои ги очекуваат по преземањето на функциите, откако имињата на поголемиот дел од нив веќе се познати по одржувањето на локалните избори во поголем број од општините. Имено и самите признаваат дека се испречени пред големи предизвици и сериозни обврски кои допрва ги очекуваат.

„Има неизвесност во сето тоа, дури јас лично мислам дека сето тоа ќе биде тешко, премногу голем број на надлежности се во прашање, а според мене многу малку анализа се направи кога се проектираа овие закони, така да сето тоа се сведе на предвидувања. Така да останува таа неизвесност и сметам дека имаме многу голема задача, дури би рекол историска задача.“

Вели новоизбраниот градоначалник на скопската општина Гази Баба, Коце Трајановски од ВМРО ДПМНЕ. И покрај тоа што Трајановски, како пратеник активно учествуваше во донесувањето на законите за локалната самоуправа, изјавува дека одредени делови од процесот на децентрализација не се доволно јасни:

„Така да и сега земете на пример за општина Гази Баба, нема доволно емпириски податоци. Да кажат толку и толку фирми има, толку и толку од ДДВ-то ќе имате... нема доволно податоци за сето ова. Така да, како ќе оди сето ова не би знаел точно да кажам. “

Ваквите недумици и недоволната јасност, ја наметнува првата реакција која најчесто се слуша од новите градоначалници, дека од самиот старт ќе се соочат со проблем со финансиите во општинските буџети за кои во иднина самите ќе треба да се грижат.

„Согласно новиот закон за финансирање на општините, предвидените ингеренции нема да можат да се спроведат целосно во праксата.“

Вели Кенан Алиу, избран градоначалник на општина Желино. Неизвесност околу тоа дали процесот ќе се одвива според планираното и оти проблемите ќе бидат големи, најавува и градоначалникот на општината Росоман, Гоце Величковски од Коалицијата За Македонија Заедно.

„Ќе биде, во секој случај ќе биде тешко. Јас неверувам дека некој градоначалник ќе каже дека нема да опстане, но сепак треба многу подетално да се разработи доколку се сакаат информации.“

Практичната имплементација на децентрализацијата според планираното треба да започне од 1 јули, со неа, градоначалниците постепено треба да ги преземаат ингеренциите како и грижата за административниот персонал чиј вкупен број изнесува околу 26 илјади вработени, во управувањето со културата, образованието, здравството, урбанизмот и дел други надлежности на ниво на општини.
XS
SM
MD
LG