Достапни линкови

Продолжување на ширењето демократија низ светот


Американскиот претседател Џорџ Буш и официјално го започна својот втор 4 годишен мандат, најавувајки продолжување на мисијата за ширење на демократијата низ светот. Инаугуративниот говор на Буш, кој главно беше посветен на надворешната политика, според аналитичарите, значи дека ќе нема битни промени во досегашната политика на американската администрација.

Џорџ Буш најави дека Соединетите Држави ќе продолжат со ширењето на демократијата во светот.

„Опстанокот на слободата во нашата земја се повеќе зависи од слободата во другите држави. Најдобар начин за мир во светот е ширењето на слободата насекаде.“

Според Роберт Шпицер, професор од Њујоркшкиот државен универзитет, речникот на Буш потсетува на времето на Студената Војна, односно улогата на Америка е дефинирана како бранител на доброто во глобалната битка против тиранијата. Шпицер забележува дека Буш не се извини за ниедна грешка од неговиот прв мандат, а не ги спомна ни нарушените односи со некои од европските сојузници, што укажува дека и во вториот мандат американската надворешна политика нема да се менува.

„Мислам дека значајно е што главниот фокус од говорот на Буш беше пораката до луѓето во Соединетите Држави и до другите нации во светот дека тој верува во курсот од првиот мандат и има намера да го продолжи. Веројатно тоа не е добра вест за многумина европски лидери, кои не беа многу среќни со одлуките на бушовата администрација.“

И Мартин Андерсон, аналитичар од Универзитетот Станфорд во Калифорнија смета дека Буш, како и поранешниот претседател Роналд Реган, верува оти Америка силата која е на вистинскиот пат.

„Доколку погледнете малку назад во историјата, по Втората Светска Војна, Соединетите Држави беа најмоќната земја во светот. Можевме да ја искористиме таа моќ и да владееме со многу држави, но тоа не се случи. Им помогнавме да бидат обновени и си заминавме, а тоа се случува и сега во Авганистан и во Ирак.“
XS
SM
MD
LG