Достапни линкови

Што се случува со времето?


Што се случува со времето? Иако на Северната хемисфера календарски е длабока зима, централниот дел на Европа деновиве имаше пролетни температури. Во меѓувреме, силни бури предизвикаа хаос во Ирска, Скандинавија, Русија. Делови од Казахстан пак, се покриени од снег. Истото е и со Калифорнија каде што пак луѓето се борат против поплавите кои се забележани и во пустинскиот дел на Јужна Африка. Што е уште поинтересно, снег паѓаше и во пустината во Саудиска Арабија. Дали ваквото лудо време е случајност или...

Азиската цунами катастрофа, во која загинаа над сто и пеесет илјади луѓе, го потсети светот на страшната и непредвидлива моќ на природата. Помалку драматични, но со кобни последици, беа и временските неприлики што зафатија многу делови од светот. Во Казахстан например, силни врнежи од снег го отсекоа главниот град Астана од остатокот на земјата. Киријат Тарибаев од државната агенции за вонредни состојби вели:

,,На девети јануари сите патишта од Астана беа затрупани. Стотици луѓе требаше да бидат евакуирани.”

Во исто време, централна Европа уживаше во топлото време. Во Прага беа забележани скоро четиринаесет степени, што е рекордна температура во изминативе двесте и триесет години. Истовремено, непосредната Северна Европа се соочи со страшни бури. Британија ги доживеа најголеми поплави за последните неколку десетлија, а невремето ги зафати и северните делови на Франција и Германија, Скандинавските земји...Во него загинаа десетина луѓе. Бери Громет, претставник на Метеоролошката станица во Британија вели дека станува збор за невообичаен силен ветер чија брзина била скоро двесте километри на час. Сепак, тој е претпазлив во оценката дека тоа би можело да биде последица од глобалното затоплување на Земјата.

,,Тешко е со некаква сигурност да се каже дека ова време што се случи сега ќе се случува и во идните години.”

Но, Громет се согласува со тоа дека високите температури, проследени со силни невремиња е дел од теоријата за последиците што ќе ги донесе глобалното затоплување.

,,Несомнено, едно од сценаријата за Обединетото Кралство е дека би имало зачестени бури и не толку студени зими.”

Но, во исто време, додава Громет, постои и друго сценарио за Британија во кое се претпоставува дека таа земја ќе се соочи со постудени зими, па дури и со ледено доба. Ова би се случило поради тоа што стопениот мраз од половите на Планетава ќе ја намалат концентрацијата на сол во морињата што ќе доведе до нарушување на Голфската струја која пак носи топло време во Британија. Клара Сутловичова, експерт од Прага и член на Гринпис, смета дека веќе живееме во последиците на глобалното затоплување.

,,Истражувањата и последните анализи на климатскиот систем и неговите промени во Европа покажуваат дека ваквите топли зими без снег се очекувана последица. Факт е дека Европа се затоплува побргу отколку останатиот свет.”

Тоа, според Сутловичова, ќе доведе до нарушување на еколошката рамнотежа што пак, од друга страна, поради уништувањето на растителниот свет, повторно негативно ќе се одрази врз временските прилики.
XS
SM
MD
LG