Достапни линкови

Потребни темелни реформи за македонското судство


На адреса на судството во 2004 година беа упатени низа критики за неафиаксност и тоа како од меѓународната заедница, така и од граѓаните. Во оваа насока говорат повеќе факти. Најголем број на поднесени жалби против Македонија од граѓаните до Европскиот суд за човекови права во Стразбур се однесуваат на неможноста за остварување на правото на фер судење. Резултатите од глобалниот барометар за корупцијата што го спроведе Трансапарентност Македонија велат дека во 2004 најкорумпирано во земјава било судството. Оттаму посочуваат дека во судовите во земјава се потребни темелни промени. Потребно е во истовреме да има и политичка војла, како и желба за реформи од страна на луѓето кои работат во судовите.

„Од она што го стекнавме како впечаток во досегашните анализи, не е само политиката пречка за реформи во судството, односно влијанието и интересот што политиката го има во судството, туку постои и внатрешен, огромен, многу сериозен отпор за реформите. Отпорот го создаваат два вида чинители. Едниот, луѓе коишто не сакаат никакви реформи бидејќи со тоа би ги изгубиле своите позиции, а вториот отпор е летаргија којашто владее во судството и чувство за безнадежност. Судиите или вработени во судовите коишто би сакале чесно и професионално да ја вршат својата работа, се заплеткани во мрежа на интереси и добри и лоши односи градена со години и децении. Практично, и да има луѓе во судството, какви што ги има, и чесни и способни да ја направат реформата, мислам дека не може да се пробијат низ таа мрежа на интереси коишто владеат во судството. Со други зборови, имам чувство дека најголем дел од вработените во судството чекаат друг да ги извади врелите костени од оганот, наместо нив,“

изјави Зоран Јачев претседател на Транспарентност Македонија. Судиите пак најчесто посочуваат дека состојбите во судството се огледало на ситуацијата во земјата.

„Нормално е граѓаните да не бидат задоволни од работењето на судовите во земјава, затоа што е факт дека судството во нашава држава е неажурно и неефикасно. Меѓутоа, мислам дека најмногу критики судството трпи затоа што судската власт е таа што се бави со поединечни права и слободи на граѓаните и секој граѓанин којшто бара остварување на свои права пред судовите, секако првенствено се интересира за остварување на своето лично право и затоа мислам дека најмногу затоа и критиките кон судската власт е и најсилна,“

вели Ленче Софрониевска претседател на Републичкиот судски совет која објаснува дека во иднина кандидатите кои ке ја посетуваат Школата за едукација на судии што е предвидено да се формира 2005 година и е дел од стратегијата за реформи, ќе бидат не само поедуцирани, туку и ке ја сфатат одговорноста на судиската функција и поефикасно ќе одговараат на барањата на граѓаните.
Ажурноста на судството е важна и за ефикасна борба против организираниот криминал за што, Вели Ведат претседател на Апелациониот суд во Скопје под чија надлежност се основните судови во кои се разгледуваат најголем дел од предметите од оваа област вели:

„Ако земеме претпоставка, дека во последниве години криминалот и тоа како се разви, криминалците станаа софистицирани и со многу поефикасни методи доаѓаат до она што наумиле, сметам дека до овој момент, ако треба да се направи некоја паралела којашто можеби е и невкусна, сепак криминалците патуваат со авион, а ние ги бркаме со велосипед.“
XS
SM
MD
LG