Достапни линкови

Случувањата во Кондово и Тетово не се сериозна закана за безбедноста на Македонија


По последните случувања во Кондово и Тетово, безбедносната состојба е генерално стабилна, оценуваат во Министерството за внатрешни работи и меѓународните претставници во земјава. Станува збор за случајот Кондово што се случи пред десетина дена кога вооружена група не дозволуваше влез на граѓаните во ова село. По активностите на лидерите на ДУИ и ДПА, вооружените лица го напуштија селото. Викендов пак, во полициска акција во Тетово, за апсење на Лирим Јакупи - Нацист, водач на вооружените групи во Кондово, едно лице загина, а две беа повредени. Во знак на незадоволство студентите од нелегалниот медицински факултет при Тетовскиот универзитет протестираат веќе трет ден со блокада на автопатот Скопје - Тетово - Гостивар, барајќи одговорност на државните институции за убиството на нивниот колега во акцијата на полицијата во Тетово. Од МВР посочуваат дека ова нема сериозно да влијае на состојбата во земјава и додаваат дека има криминални групи, но се преземаат редовни активности со цел да се спречи нивното делување:

,,Не постои поголема закана по безбедносната состојба, значи таа е стабилна, а постојат криминални групи од исклучиво криминален карактер. Тие често пати своите активности ги претставуваат како борба за човекови права и слободи, со цел да добијат поддршка од локалното население. Во иднина МВР мора да презема и ќе презема мерки против сите оние кои вршат криминални активности, независно на која етничка група и припаѓаат. Тоа е во интерес на сите граѓани. Во таквата борба против криминалот, неопходна е поддршка од сите чесни граѓани, политички партии кои имаат за цел враќање на стабилноста во државата,"

изјави Горан Павловски, шев на кабинетот на Министерот за внатрешни работи.

И претставниците на меѓународната заедница сметаат дека ситуацијата во земјава е генерално стабилна:

,,Сметаме дека безбедносната ситуација значајно се подобри во 2004 година. Ситуацијата во Кондово беше само еден случај со кој властите успешно се справија. А, овој случај исто како и она што се случуваше во Тетово викендов не се сериозна безбедносна закана,"

изјави Јеспер Томсон од канцеларијата на претставникот на ЕУ во Македонија.
XS
SM
MD
LG