Достапни линкови

Македонија подложна на радикализам


Нашата земја е многу подложна на радикализам и не треба многу за да се предизвикаат тензии на меѓуетнички план. А, тоа е вообичаено, пред се, кога во една средина имате големи социјални проблеми, сметаат експертите, коментирајќи ги последните случувања во Македонија. Недовербата во државните институции се посочува како една од главните причини за меѓуетничката нетолеранција:

„Кога нема доверба во државните институции, војска, полиција, во својата влада, во политичките претставници на народот, се појавува радикализам. Ние граѓаните не знаеме што точно се случува,“

вели професорот Мирјана Малевска.

Со слична констатација и Осман Кадриу, професор од Тетовскиот универзитет, според кој сомневањата во судските процеси има големо влијание врз меѓуетничките процеси:

„Се зборува дека има монтирани процеси, дека има корумприано судство, што е точно и за сите овие работи одговорноста треба да се бара меѓу одговорните во државата. Сите тие работи укажуваат на нестабилност во државата, на нарушени односи, не само меѓучовечки, туку и меѓунационални односи. Станува збор, за навистина мошне опасни појави.“

Нетранспарентноста на владините и политичките структури предизвикува ситуации кои може да влијаат врз односите на различните меѓуетнички заедници, е ставот на професорот Назми Малиќи:

„Овие прилики што ги имаме овие десет дена со блокадите, незадоволствата, не можеме да кажеме дека нема да влијаат на влошување на меѓуетничките односи, но момент е транспарентноста на политичките партии на владините структури во објаснувањето на целите и објаснувањето на се она што се случува со аргументи.“

Според професорот Малевска, последните случувања покажуваат дека општеството во Македонија сеуште е поделено:

„Како да тргнеме напред е многу тешко да се каже. Многу сме заглавени во проблеми кои треба да се решат, а не се решаваат ниту доволно бргу, ниту со доволно знаење и разбирање. Просто, како да немаме сила да тргнеме напред.“
XS
SM
MD
LG