Достапни линкови

Интензивирање на трговските односи


Во земјава денеска започнаа разговорите за склучување привремен протокол за слободна трговија меѓу македонската влада и УНМИК. Од министерството за економија посочуваат дека македонската бизнис заедница ќе има голем интерес од постигнувањето на договорот:

„Трговската размена меѓу Македонија и Косово се движи од 140 до 160 милиони на годишно ниво. Од што извозот е 120-130 милиони, а увозот 30 милиони. Ова очигледно укажува на тоа дека македонската бизнис заедница има голем интерес да ја одржува и проширува трговијата со Косово. Исто така тој интерес постои и од другата страна, од страна на бизнисмените на Косово. Според тоа, причините се длабоко економски и се основа за создавање услови и за зголемен извоз. Мислиме дека ова ќе претставува една солидна основа и за натамошно развивање на соработката и во делот на царински служби,“

изјави државниот секретар во министерството за економија Оливера Цветановска, шеф на преговарачкиот тим на македонската страна. Таа додава дека големиот обем на размена со Косово се должи на меморандумот потпишан во 2001 година, со што се овозможи примена на спогодбата за слободна трговија, склучена меѓу Македонија и СЦГ. Оттогаш, трговијата меѓу земјава и Косово се одвива на високо либерализирана основа или 98 насто од трговијата има бесцарински третман.

Со цел подобрување на координацијата меѓу македонските и косовските власти, денеска шефот на цивилната власт на УНМИК Сорен Јесен Петерсен во земјава ќе разговара со претставници на државиот врв. Тема на разговорите според најавите е зголемување на комуникацијата, со што би се намалила пропустливоста на границата и би се спречиле идни инфилтрирања на вооружени лица. Се очекува една од темите да биде и случајот во Конодово, каде денеска, како што изјави потпретседателот на ДПА Мендух Тачи би требало да се повлече и вооружената група во Кондово.
XS
SM
MD
LG