Достапни линкови

Буџетот за 2005 година е со лоша структура


Буџетот за наредната 2005 година, е со лоша структура, согласни се економските експерти во коментарите за планираните средства на Владата што таа веќе ги усвои за наредната година. Дел од критиките во слабоситите при планирањето на паричните средства се упатуваат на сметка на Министерството за финансии одсносно на целата Влада, но експертите укажуваат и на реалната економска ситуација во државава што секако влијае на распределбата и планирањето на финасиите.

Коментирајќи ги големиот дел од парични средства што ќе бидат издвоени за плати во јавната администрација, и за вработувањата по основ на правичната застаптеност на етничките заедници, професорот од Економскиот Факулет Михаил Петковски објаснува:

„Самата структура на буџетот, кога реков дека е слична на претходните, пред се мислам на високиот износ за плати и високиот износ за социјални расходи. Но, тоа ќе биде така се додека не започне интензивирање на економскиот растеж.“

Наспроти реалната економска ситуација која донекаде и ги „врзува рацете“ на Владата во подготувувањето на буџетот, експертот од Центарот за економски анализи Марјан Николов, упатува и неколку дополнителни критики кои според него не зависат од целокупната економија и можеле подобро да бидат испланирани. Една од нив, според Николов е инсистирањето на трошење на буцетските средства од Министерства, без притоа да се има соодветен план.

„Ова затоа што во буџетот не може да планирате ставки за инвестирање ако немате соодветни планови. Треба да се прави разлика од заштеда во буџетот, од заштеда со соодветна динамика на трошење. Ова не значи дека на крајот од годината вие треба да кажете, па ние заштедивме во првите три квартали толку и толку пари, ама сите пари ги потрошивме во четвртиот квартал.“

Она што посебно експертите и забележуваат на Владата во планирањето на средствата, е процесот на децентрализација за што во усвоениот буџет не се вградени елементи за овој сегмент, туку тие ке бидат вградени во неговиот ребаланс во текот на јуни 2005:

„Затоа што ако процесот на децентрализација е приоритет за државата, тој треба да е приоритет и за буџетот.“

Буџетот за наредната година, изнесува 59, 2 милијарди денари.
XS
SM
MD
LG