Достапни линкови

Ѓорѓи Варошлија, претседател на Советот за радиодифузија. Свеста и професионалноста во медиумите расте


Господине Варошлија до каде е процесот со донесувањето на Законот за радиодифузија?

Министерството за транспорт и врски како надлежно министерство за предлагање и дефинирање на Законот за радиодифузна дејност, кон крајот на август месец, формираше една работна група во која беа вклучени сите субјекти инволвирани во вкупната радиодифузија. Според информациите со коишто располага Советот за радиодифузија, законот многу скоро треба да влезе во владина процедура. Според некои сознанија што ги имаме тој треба да е донесен некаде на пролет.

Кои се суштинските измени коишто ќе ги содржи законот, се најавѕваат некои значителни зголемувања на ингеренциите на Советот, наспроти досегашните на владата?

Значајна новина е токму ова што го говорите, Советот за радиодифузија да добие целосен капацитет. Тоа значи, одлуките да ги носиме самостојно. Дали кога се работи за доделување на лиценци или одземање линцени, колку за потсетување до сега се доделуваа концесии. И всушност Советот и предлагаше на Владата кому да му додели, а кому да му одземе концесија. Сега тие ќе бидат во надлежност на Советот за радиодифузија. Што се однесува до изборот на членовите на Советот, во новиот закон се предвидува систем на овластени предлагачи, како на пример, претседателот на државата, комисијата за избори и именувања, мнозинското здружение на новинарите итн. Така што, тој систем, всушност треба да придонесе за деполитизација и демократизација во изборот на членовите на Советот. Меѓутоа, Советот има одредени резерви на овој начин. Пред се, резервата произлегува од искуството на одредени земји кадешто по овој систем се избира советот. Во случајот со нашата држава тоа може да биде уште посложено. Бидејќи покрај професионалните стандарди, треба да се води сметка и за соодветната застапеност на припадниците на етничките заедници во Советот. Тешко е кога имате повеќе овластени предлагачи да се усогласи таков состав, значи и од професионален и од етнички аспект. Една од битните новини, во правец на транспарентноста и заштитата на субјектите е предвидена судска заштита од одлуките на Советот.

Да преминеме на друга актуелна тема, кабловските оператори. Кога може да се очекува легализација на кабловските оператори во земјава?

Во Република Македонија има 65 кабелски оператори. Сите тие имаат добиено концесија и имаат потпишано договори за концесија. Но, во целиот период тие не ги исполниле и другите услови предвидени во договорот, за техничка легализација на мрежите. Затоа може да се каже дека сите кабелски оператори од технички аспект се нелегални. Согледувајќи ја ваквата ситуација Советот повеќе пати интервенираше до надлежното министерство за транспорт и врски, до Управата за телекомуникации, исто така, укажувајќи на неодржливоста на постојната ситуација. Значи, неопходно е осмислување на процедура, врз основа на која, дали преку анекски на договори или нови коцесии, кабелските оператори што имаат амбиција да се шират да им се овозможи тоа, а другите под исти услови да им биде овозможено да се обезбеди нивна заштита. Ама, оваа процедура не е дефинирана. Тоа е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Советот може да и предложи на владата да и биде одземена некоја концесија. Меѓутоа, за да се примени таа најригорозна мерка, неопходно е постапување на надлежните инспекторати и служби.

Како ги коментирате последните коментари дека во Македонија постојат и функционираат премногу медиуми?

Јас лично мислам дека има премногу медиуми. Меѓутоа, големиот број медиуми не значи дека во Македонија има и голема квалитетна понуда на разновидна програма. Напротив, ние имаме медиуми коишто живуркаат. Се наметнува прашањето зошто тие до сега не згазнале, зошто продолжуваат да егзистираат. Претпоставувам дека вие познато дека според постојниот закон за радиодифузија, 10 насто од радио дифузната такса, Советот ги распределува за финансирање проекти од јавен интерес. Над 50 насто од овие средства оделе во рацете на трговските радиодифузни друштва. Тоа била добра финансиска инекција за сите нив за да може да ја платат концесијата, занемарувајќи ја обврската да направат и квалитетни проекти за коишто парите и се добиени. Овој извор на средства со новиот закон не постои. Тие 10 насто средства ќе бидат дислоцирани во МРТВ кој ќе има обврска еднаш годишно да ги доделува тие средства, за проекти на независните продуценти. Ваквото законско решение ќе ги доведе во незавидна положба одредени медиуми кои не се финансиски моќни, а исто така и програмски не можат да провлечат коминтенти за реклами, маркетинг, па по таа основа да црпат средства. Кога ќе останат без овие средства, многумине ќе треба да размислат како да ја продолжат својата егзистенција. Верувам дека многумина од нив ќе дојдат во ситуација и да згаснат. Кога говориме за бројот на медиумите едно прашање е многу значајно. Со новиот закон Советот ќе биде обврзан да донесе стратегија за развојот на медиумите. Што тоа подразбира? Тоа подразбира и соодветни стандарди сообразени со европските. Веројатно критериумите што ќе бидат поставени нема да бидат достапни за сите. Не ќе може сите да се вклопат во сето тоа и просторот ќе биде слободен за најквалитетните.

Наспроти квантитетот, колку може да зборуваме за квалитет на медиумите?

Медиумите во целокупниот транзиционен период покажуваат една релативна стабилност и константа од аспект на професионалноста, тоа се гледа во негувањето на професионализмот. Кај добар дел медиуми може да се забележи растеж. Тие се во постојан растеж, програмски, технички, иако технички сеуште не можеме да речеме дека сме фатиле приклучок, ама од програмски аспект можеме да говориме за значајни дострели. Тука е битно да се актуелизира прашањето што произлегува од мониторинзите на Советот, а тоа е дека медиумите стануваат се понезависни. Се понепристрастни. Притоа има и исклучоци кои одат во друга крајност, меѓутоа генерално свеста и професионалноста во медиумите кај нас расте.
XS
SM
MD
LG