Достапни линкови

logo-print

Владо Бучковски, мандатар за нова влада и лидер на СДСМ. Нема да има само персонални, туку и структурни промени во владата


Како прво, еве веќе ја составувате владата, дали може да се очекуваат некои промени, во смисла, еден ресор сега ја држи една политичка партија, да премине во друга и кои би биле тие ресори и зошто?

Не би сакал ништо да прејудицирам, но во секој случај интензијата ќе биде да поразговараме и за нова структура на владата, не само персонална.

Во која смисла нова структура?

Па, тоа значи прераспределба евентуално на ресорите помеѓу трите коалициони партнери.

Има ли конкретни ресори коишто ќе бидат понудени?

Не би можел во моментов ништо да кажам повеќе од она што го одговорив на почетокот од разговорот. Би оставил за сето тоа да коментираме во наредните три до четири дена кога се ќе биде појасно.

Кога може да очекуваме новата влада да ја предложите?

Напорите се во рок од седум дена би требало да завршат консултациите на ниво на коалициски партнери. Ако дотогаш ги имаме имињата на новите министри и ако биде готово експозето, тогаш верувам дека новата влада ќе биде промовирана во јавноста некаде на 7-ми или 8-ми декември, а по скратената собраниска процедура од 10-на дена, проценките се дека расправата за новата влада во парламентот би била меѓу 15-ти и 18-ти декември.

Има најави за две нови партии во коалицијата, за кои партии се размислува?

Тие би биле наши коалициони партнери во пресрет на локалните избори. Не би шпекулирал повеќе единствено што би најавил се разговорите со претседателот на ВМРО Македонска Борис Стојменов, а ако тие тргнат во вистински правец, тогаш би имало и консултации на партиските органи. Ние де факто со оваа партија соработуваме уште од 2001 година, кога и понудивме едно од нашите места во широката коалициска влада. Имаме позитивни искуства и тоа е мотивот да ги почнеме разговорите. За други партии, во овој момент не би говорел.

Тоа значи дека тие ќе добија едно министерско место, заменичко?

Не, реков, тоа е коалиција за локалните избори, не за новата влада.

Претходниот премиер си замина со обвинувања за корупција и непотизам. Ќе ги чекате ли стоте дена или веднаш по стапувањето на функцијата ќе се видат некои конкретни чекори и кои се тие?

Ние мора да ги сфатиме сериозно обвинувањата на поранешниот премиер Костов и на неформален ручек разговаравме на таа тема. Јас имам намера на следните разговори на партиско ниво, да говориме искрено за сите аномалии кои биле присутно во изминатите две години. Нема бегање од топ темата, борба против корупцијата, уште повеќе што на тоа не обврзуваат не само нашите желби да се справиме, туку и обврските кои ги преземаме за приближување кон ЕУ и НАТО. Всушност, една од темите на коишто разговаравме со новиот комесар за проширување Оли Рен беше и капацитетот на Република Македонија, од декларативно, да покаже дека и практично се справува со ова зло, на кое не е имуна, ниту една влада, ниту една власт во светот.

Една ваша проценка, вие бевте министер во владата, има ли корупција во владата?

Јас сметам дека дека корупција постои, но не може со сигурност да се потврди дека е со такви размери за кои говореше Костов. Размерите на корупцијата треба да ги утврдат надлежните органи.Јас како правник, сметам дека презумпцијата на невиност е едно од основните начела кои треба да ги промовира новата влада. Ние ќе го почитуваме владеењето на правото и во изјавите не треба декларативно да се навестува што и како имало, туку да се дејствува од позиција на извршна власт. Стилот на новата влада ќе биде не да говори за проблемите, туку да ги решава.

Велите не во тие размери, во кои тогаш размери ја има и како ќе ги решавате, со кои чекори?

Па, имаме органи. Истражните органи. Во четврток сите информации што ги има поранешниот премиер Костов треба да ги достави до јавниот обвинител. Верувам дека јавното обвинителство во согласност со Уставот и законите ќе ги преземе сите неопходни мерки и ние ќе инсистираме да се почитува правото и нема никакви дилеми дека еден од приоритетите и на новата влада ќе биде и понатаму бескомпромисно да се бориме не само против организираниот криминал и корупцијата, туку и против сите оние аномалии, кои во очите на потенцијалните странски инвеститори создаваат лоша слика за Република Македонија. Размерите, дали е мала или голема корупција, треба да утврдат надлежните органи кои ги имаат сите инструменти да го направат тоа согласно Законите.

Споменавте дека еден од приоритетите ќе бидат оние ситуации, на пример, ситуацијата во Кондово. На кој начин ќе бидат решавани, еве конкретно во случајов ситуацијата во Кондово?

Јас уште не формирана новата влада и уште непромовирана програмата, реков дека не можеме да замижуваме за она што се случува во Кондово. Сите информации кои ги имам и како министер за одбрана во оставка, говорат дека размерите на она што се случува таму не се такви за да доведат до дестабилизација на РМ, но постоењето на вооружени поединци или групи не треба да биде предолго толерирано, Периодот на превентивно делување и навестувањето дека тие не се само со криминални побуди, туку се и политички мотивирани заради политичката пресметка меѓу двете најмоќни партии на Албанците, не е изговор за органите сето тоа немо да го набљудуваат. Во секој случај, активни се и МВР и „Проксима“, така што верувам дека многу брзо ќе имаме почиста позиција во врска со она што се случуваше и каква ќе биде разврската со случајот Кондово.

Вакви слични случаи и ситуации имате ли информации за други места?

Нема, ние се наоѓаме сепак во период, и покрај сите турбуленции како пост кризен период, сепак сме во една фаза каде што безбедносната ситуација во Република Македонија не може да ја загрозат вакви поединечни случаи.

Македонија беше призната од САД под уставното име. Кои ќе бидат чекорите на новата влада во таа насока, што конкретно ќе се преземе?

По признавањето на уставното име од страна на САД, позицијата на РМ е многу поповолна. Сметам дека надворешната политика беше една од посилните страни на СДСМ во владите што ги имаше со ДУИ и ЛДП. Очекувам поволна разврска и верувам дека во Њујорк многу брзо ќе имаме многу почиста ситуација, која во секој случај во моментов оди во прилог на нашите амбиции.

Имаше многу најави и досега и од актуелниот претседател на државата и воопшто од владата за проблемите со економијата. Кои се вашите планови во овој дел?

Мислам дека на начинот на кој го водиме разговорот би требало 20 дена пред официјалната промоција да ја промовирам и економската програма на владата што во моментов не би можел да го направам. Така што, ќе почекате на ова прашање до експозето кое ќе биде во средината на декември.
XS
SM
MD
LG