Достапни линкови

Позитивни оценки без очекување за промена на курсот на политиката


Политичките партии во земјава, генерално позитивно го оценуваат ре-изборот на Џорџ Буш за претседател на САД. Тие не очекуваат промена на досегашниот курс на неговата администрација, во однос на политиката кон регионов и кон Македонија. Во владеачката СДСМ оптимисти и се надеваат, во новиот четиригодишен мандат на Буш, САД да ја признаат нашата земја под уставното име:

„Единствено нормално сите се надеваме и политичарите и граѓаните, дека во овој втор мандат на Буш, тој ќе ја донесе одлкуката да ја признае Република Македонија, во име на неговата држава, под уставното име,“

изјави Каролина Ристова Астеруд од СДСМ.

Според Слободан Чашуле, од ВМРО-ДПМНЕ, крилото на поранешниот лидер Георгиевски, со ново-старата администрација на Буш, ќе има нагласено американско присуство на Балканот, во правец на консолидација на стабилноста:

„Нема да промена во однос на тоа дека Балканот треба да биде стабилен, дека Американците, односно САД треба да бидат најважниот столб и најголемиот гарант на таа стабилност. Но, ќе има во пристапот, како да се консолидираат жаришните точки на Балканот и како Американците тука ќе го засилат своето присуство, кое секогаш не мора да биде изразено со војска.“

И во ДУИ не очекуваат промена на курсот на политиката на САД кон регионов:

„Кој и да беше избран, Буш или Кери, политиката на САД спрема Балканот е иста, но јас мислам дека ќе нема битни промени во регионот,“

изјави Рафиз Алити од ДУИ.
XS
SM
MD
LG