Достапни линкови

Форма или содржина?


Договорите што Македонија ги потпишува со другите земји не можат да штетат, но проблемот е во што за да се искористат бенефициите од нив треба прво да се работи на развој на институциите, бидејки тие во моментов немаат доволно капацитет, оценуваат експертите од областа на евроинтеграциите и уставниот и политикиот систем.

Професор Ванчо Узунов од Правниот факултет смета дека клучна е основата што се создава за соработка посебно меѓу деловните субјекти за што посочува:

„Деловните субјекти кај нас сеуште не се спремни за тоа, затоа што се наоѓаат во процес на внатрешно преструктуирање, затоа што сеуште се во онаа прва фаза, да видиме кој ќе опстане. Кај нив има слабости во поглед на менаџмент и човечки ресурси, па Македонија не гледа големи ефекти сега за сега. Дури се вели дека Македонија е шампион по бројот на договорите за соработка што ги има склучено, а ефектите се мали.“

Овој процес, смета професорот, во земјите од поранешна Југославија се одвива многу бавно, за разлика од другите држави во Централна и Источна Европа.
Во контекст на имплементирање на меѓународните договори, доцент Татјана Каракамишева од Правниот факултет вели дека не може да се говори за развиена пракса. Според неа проблемот е што во земјава не се работи на прилагодување на надлежните институции за да можат да ги спроведуваат правните акти. Власта, додава Карамишева мора да работи прво на изградба на демократски институции:

„Сосема е јасно дека Република Македонија се наоѓа во процес на декларативно усвојување на некои стандарди, без нивно практично имплементирање. Оттука, сметам дека секое потпишување на меѓународните договори не треба да остане само во сферата на формата, туку мора да се согледа и нивната содржина, односно да се види колку нашиот систем е компатибилен со она што го прифаќаме како европски стандард и европско правило и тука власта нормално дека треба да работи многу повеќе.“
XS
SM
MD
LG