Достапни линкови

Голем проблем, особено во Источна Европа


Сивата или подземната економија во некои земји ја надминува онаа официјалната. Тоа особено е забележливо во земјите од Источна Европа и од поранешниот Советски Сојуз. Поради тоа што е добро скриена, таа останува тешко мерлива.

Секоја година во светот милијарди долари минуваат од едни во други раце без да бидат оданочени. Станува збор за сивата економија каде што исплатите се вршат во готови пари, при што се одбегнуваат банките и државата. Вообичаено, поимот сива економија се поврзува со илегалните и криминални дејности, како шверцот со дрога или проституцијата. Но, всушност најмногу од сивите трансанкции се легални активности кои успеваат да го избегнат оданочувањето. Економистите велат дека оваа таканаречена легална сива економија некогаш е три, до четири пати поголема од илегалната сива економија. Владите имаат силен интерес да ја дознаат нејзината вистинска големина. Ако за ништо друго, тогаш за да дознаат колку навистина изнесува даночната евазија во нивните земји. Сепак, не постои лесен начин за да се измери тоа. Фридрих Шнајдер од Австрискиот Универзитет во Линц е еден од неколкутемина економисти во светот кој се обидува да дојде до приближно точно мерило на подземната економија.

„Мерењето на сивата економија е многу тежок проблем. Не е лесно да се дефинира. Во многу земји, постојат различни дефиниции.“

Тој додава дека еден од начините е сумата на готови средства кои циркулираат во општеството и од неа да се извади износот на кешот што е потребен да се спроведат легалните отворени трансакции. Овој метод се засновува врз претпоставката дека повеќето од сивите зделки се вршат со кеш пари. Шнајдер додава:

„Друг метод да се пресмета сивата економија е во сферата на парачната побарувачка. Притоа се анализира сумата на кеш пари што луѓето ги имаат во нивните џепови и онаа што ја трошат преку кредитни картички.“

Но, овој метод, како што објаснува Шнајдер, има недостатоци. Тој може да биде ефикасен само во поразвиените земји каде што кредитните картички се еден од главните начини на плаќање. Во посиромашните земји скоро сите трансакции, скриени, отворени, легални и илегални, се вршат во кеш. Со сивата економија, некаде помалку, некаде повеќе, се соочуваат сите земји во светот. Имено, насекаде луѓето се под искушение да ги скријат своите приходи од оданочување. Но, проблемот е особено остар во посиромашните земји кои се во транзиција и каде што граѓаните не им веруваат на властите поради нивната корумпираност, вели Шнајдер.
XS
SM
MD
LG