Достапни линкови

Двојно помалку гости од лани


Со просечна вкупна посетеност во јули помала од 20.000 гости според неофицијалните слободни проценки, Охрид досега бележи слаба туристичка сезона, што споредено со овој период лани е помалку за два до три пати. Најпосетени се викендите. Хотелите со полупансионски цени од 900 до 2000 денари се половично исполнети. Добар дел од приватниот сектор е слободен, а единствена оптимистичка слика се странските гости од соседните земји и туристите од Израел.

„Можеме да кажеме дека во споредба со минатата година сме послабо посетени. Сондажите и укажувањата во однос на туристичкиот промет укажуваат на помала посетеност“ – вели Петар Боев, референт по туризам во општина Охрид.

„Проблем претставува издавањето на викенд становите кои законски не би требало да се издаваат на лица кои сакаат сместување во домашни услови и тие укажуваат на лажната ситуација во која гледаме дека бројот на туристите во приватно сместување е нереален“ – вели Боев.

Официјално во Охрид има околу 5000 викенд станови кои во туристичката понуда им конкурираат на 30.000 кревети во хотелите, мотелите, камповите и приватниот сектор. На слаба посетеност, шверцување на непријавени гости и нелојална конкуренција се жалат и приватните станоиздавачи:

„Во Охрид има гости, ама послабо отколку во други години. Многу работи треба да се направат. Инфраструктурата првин треба да се подобри, да се средат работите со прифаќањето на гостите, да нема турканици на автобуска станица...“

Младите тинејџери од Републикава со слаба потрошувачка моќ, кои доминираат меѓу гостите, се задоволни од Охрид:

„Ние баш убаво си поминуваме. Понекогаш времето знае да се расипе, но може да се најде добра забава. Единствено оваа година е некако многу растурено и раскопано по улиците, што не е баш пријатно за гледање. Меѓутоа, добро е. Сместување лесно се наоѓа, цените се тие горе-долу“.

„Па, добро е. Само што музиката во ноќните клубови се гасни во три часот и мораме да си одиме дома. Тоа не ни се допаѓа и би можело да се промени. Овде сум на одмор со друштво и ќе го препорачам Охрид на моите пријатели“ – вели една гостинка од Пирот, Србија.
XS
SM
MD
LG