Достапни линкови

ЕУ и понатаму ќе игра активна улога во поддршката на Македонија за евро-интеграциите


Моето назначување на Косово, на ниту еден начин не значи намалување на интересот на ЕУ за Македонија, вели специјалниот европски претставник во Македонија Сорен Јесен Петерсен, откако генералниот секретар на ОН Кофи Анан го назначи за цивилен администратор на Косово:

„ЕУ останува мошне силно упатена да продолжи да игра активна улога во поддршката на Македонија во исполнувањето на евро-атлантската агенда. Мојот наследник ќе биде назначен наскоро,“

рече Петерсен.

Тој на функцијата специјален европски претставник во Македонија останува до крајот на јули. Основна причина за ова е претстојното усогласување и усвојување на пакетот закони за децентрализација за кои Петерсен вели дека се клучни и согласно роковите треба да бидат усвоени најдоцна во втората половина на идниот месец. Во пресрет на мавровското договарање в петок и сабота на лидерите на владеачката коалиција, Петерсен е убеден дека до компромис ќе дојде:

„Апсолутно сум уверен дека до решение ќе дојде во следните неколку дена. Јас сум достапен, разговарам со сите, информиран сум за текот на преговорите. Имав можност да предложам и некои мои сугестии, но сепак, ова е работа на коалицијата, тие разговараат и сигурен сум дека ќе најдат решение,“

вели Петерсен.

Истовремено во пресрет на новата функција на Косово, за која вели дека е почестен, оти ја добил, данскиот дипломат проценува, оти меѓународната заедница не може да си дозволи да не биде ангажирана на Косово:

„Постојат многу меѓународни приоритети, како што е Авганистан или Ирак, но вртењето на грбот на Косово би било многу голема грешка,“

вели Петерсен.
XS
SM
MD
LG