Достапни линкови

logo-print

Франција работи на придобивање на новите членки


Прославите по повод проширувањето на Европската Унија завршија. Сега престои тешката работа околу новиот изглед на Унијата, а се чини дека најинтензивно се работи во Париз, бидејки Франција настојува да ги придобие новите источно-европски членки, се вели во анализата на Џејнс Интелеџенс ривју.

Француската позиција во Источна Европа може да биде уште полоша отколку што е во моментов. Франција никогаш не сакаше Европската Унија да се проширува. Имено, кога се распадна комунизмот, тогашниот претседател Франсоа Митеран изјави дека источно-европските држави треба да склучуваат сопствени аранжмани, а француските влади до денес останаа сомничави кон тие држави. Нивното приклучување во Унијата ја нарушува Француско – Германската оска, која со декади доминира на Западот. Блиските врски на земјите од Источна Европа со Соединетите Држави и нивното противење на посебната Европска воена структура, исто така ја прават нервозна француската влада. Како и да е, сега високи француски дипломати работат на нова стратегија за регионот, која се движи во две насоки. Едната, поголемо инволвирање на источно-европските земји во проблемите на Европската Унија, и Втората, нивна поделба со цел да се избегне создавање нов блок во рамките на Унијата, кој може да ги наруши француските интереси. Балтичките земји не се приоритет за Франција, бидејки тие цврсто се поврзани со Соединетите Држави поради тоа што сметаат дека Русија и натаму е безбедносна закана за нив. Но ситуацијата е поинаква со Унгарија, Словачка и Словенија. Унгарија традиционално е свртена кон Германија, а расположена е и за поблиски врски со Франција во рамките на Унијата. Француските дипломати сметаат дека можат да го пробијат патот во Унгарија, како и во Словачка и во Словенија. Прогрес е направен и во односите со Чешка, но тоа оди бавно, поради слабоста на чешката влада дома и сомничавоста на претседателот Вацлав Клаус околу долгорочната европска агенда. Од друга страна, Франција има силно влијание во Бугарија и во Романија. И покрај тоа што тие две земји имаат блиска соработка со Соединетите Држави, испратија војници во Ирак и дозволија американски бази на нивна територија, потребна им е француската подршка за влез во Европската Унија. Сепак, клучниот фактор во регионот е Полска. Француската влада настојува да го одржи така-наречениот Вајмарски дијалог, трилатерален процес за консултации востановен пред неколку години меѓу Германија, Полска и Франција. Генерално, Франција смета дека кога ќе започне вистинската работа во Европската Унија, источно-европските земји ќе го загубат својот интерес за Соединетите Држави, бидејки, доколку тие земји сакаат користење на поголеми фондови, ќе им биде неопходна француската подршка. Главната француска стратегија е Европската Унија да дејствува како контра-баланс на Соединетите Држави, а истовремено да продолжи соработката и со Русија со цел да се ограничи американското влијание во светот, се вели во анализата на Џенјс Интелеџенс Ривју.
XS
SM
MD
LG