Достапни линкови

Официјален Вашингтон му се извини на арапскиот свет


Официјален Вашингтон му се извини на арапскиот свет за лошото однесување на американските сили со ирачките затвореници.Од друга страна државниот секретар Колин Пауел денеска изјави дека е изненаден од интензитетот на отпорот во таа земја.

Советничката на американскиот претседател Џорџ Буш за национална безбедност Кондолиза Рајс во интервју за телевизиската мрежа Ал Арабија oд Обединетите Арапски Емирати изјави дека Соединетите Американски Држави длабоко жалат за она што се случило со ирачките затвореници. Според неа, лошото однесување на американските сили спрема затворениците предизикало понижување и за семејствата на затворениците. Кондолиза Рајс, оценувајќи дека станува збор за неприфатливо однесување, ја изрази решеноста на Соединетите Држави да ги фатат и да ги казант оние што се одговорни за тоа. Претходно и американскиот секретар Доналд Рамсфелд рече дека дејствувањето на војниците, што снимено на фотографии, го обиколи светот е целосно неприфатливо и, како што оцени, неамериканско.

„Акциите на војниците на овие фотографии се целосно неприфатливи и неамерикански. Секој што учествувал во таква акција ги навредува своите другари кои и служат чесно на нивната земја.“

Рамсфелд изрази убеденост дека оние што биле инволвирани во злоставувањето на ирачките затвореници ќе бидат донесени пред лицето на правдата. Во врска со ова прашање во Вашингтон е најавена и седница на Комитетот на Сенатот за воени прашања.

„Треба да имаме сослушување што е можно поскоро на кое ќе сведочи секретарот Рамсфелд за тоа што е преземено и што би требало да се преземе за да се спречат натамошните вакви ужасни ситуации.“

Изјави членот на овој комитет, сенаторот Џон Меккејн.
Инаку, во денешното интервју за Си Ен Ен американскиот државен секретар Колин Пауел изјави дека е изненаден од интензитетот на ирачкиот отпор против сојузничките сили. ,,Мислам дека никој од нас не очекуваше таков отпор, рече Пауел, додавајќи,, кога не би имале проблеми со безбедноста, кога не би имале терористи и припадници на поранешниот режим кои ни се противат, мислам дека народот би не поддржувал за сето она што го правиме за да им помогнеме да ја изградат нивната земја,,. Пауел во интервјуто повтори дека војната во Ирак беше неопходна.
XS
SM
MD
LG