Достапни линкови

Во Македонија делумна слобода и економска зависност


Во Македонија може да се говори за делумна слобода на медиумите, како и за нивна економска зависност, оценуваат новинарите од печатените и електронските медиуми. Ерол Ризаов главен и одговорен уредник на „Утрински весник“ вели дека големиот број на медиуми само остава впечаток дека постои слобода во овој простор:

„Според оценката на Фридом Хаус, медиумите во Македонија се делумно слободни. Можеби, многумина слушатели ќе бидат изненадени од оваа оценка, меѓутоа, мислам дека е прилично точна. Иако, ние имаме впечаток дека во Македонија имаме голема слобода на медиумите и развиен плурализам, бидејќи има голем број на пишани весници, на радија и ТВ станици, меѓутоа има многу форми на притисок врз новинарството што нас не става во оваа категорија на делумно слободни медиуми. Кај нас, сеуште правната регулатива не е завршена и еден поголем притисок од пренатрупаните тужби за клевети и навреди во медиумите.“

Ацо Кабранов главен и одговорен уредник на телевизијата „Канал 5“ посочува дека од осамостојувањето на Македонија, новинарите и медиумите на професионален план имаат постигнато голем напредок. Според него тие веке се ослободени од политичките притисоци, но постои економски притисок:

„Медиумите и новинарите во Македонија се испречени пред притисокот на капиталот и од амбициозните газди. Мислам дека тука има голем проблем и тука треба новинарите да се изборат за својата професија. Бидејќи, амбициозните газди, многу евидентно ги користат новинарите и медиумот за свои политички пазарења и мислам дека тука е пред се на нас новинарите, да се избориме, како што се изборивме да останеме имуни на политичките притисоци, да останеме имуни и да ја штитиме професијата и од газдите и од капиталот.“

Медиумите во земјава се развиваат како и останатите области во земјава, смета Миле Бошањковски од Македонскиот институт за медиуми

“Во Македонија генерално се почитува слободата на изразување во медиумите, меѓутоа проблемите коишто се јавуваат најчесто се од подруга природа. Значи, тие се поврзани со индивидуалните капацитети на новинарот. Не постојат ригидни законски решенија со кои се забранува кој и како би се изразувал. Проблемот е во така наречената авто-цензура. Причина пак за истата од друга страна е некоја форма на притисок. Македонските медиуми се развиваат заедно со се останато во оваа земја, така што начинот на практикување на демократијата, политичките притисоци и можеби најважниот, економскиот, новинарите индивидуално го чувствуваат. Прашање е колку и на кој начин, секој новинар, се справува со овие проблеми.“
XS
SM
MD
LG