Достапни линкови

Претпладневното гласање нормално, без поголеми проблеми


Партиските штабови на четворицата кандидати за председател на Република Македонија претпладневниот тек на гласањето главно го оценуваат како нормален и без поголеми проблеми. Ова особено е карактеристично за оценките од Социјалдемократскиот сојуз и од Демократската Унија за интеграција. портпаролот на СДСМ Борис Кондарко вели:

„Се се одвива во најдобар ред, можеби некои сосема мали технички потешкотии кои веднаш се отстрануваат. Немаме никакви проблеми, се надеваме дека до крајот на денот изборите ќе се одвиваат во коректна, фер атмосфера во согласност со законските прописи.“

Џевад Адеми од ДУИ кусо изјавува:

„Се е нормално, без никакви проблеми, немаме до сега никаква забелешка.“

И за ВМРО-ДПМНЕ регистрираните нерегуларности се минорни и веднаш отстранети

„Досегашниот тек на изборниот процес го оценуваме како фер и демократски. Отворени се сите избирачки места и до сега не се регистрирани никакви неправилности во текот на гласањето. Би нагласиле само една поединечна неправилност, се работи за случај во ОУ „Вера Циривири Трена“ во Скопје, во општина Карпош, каде што се забележани плакати на кандидатот за претседател на СДСМ Бранко Црвенковски и по нашата реакција, плакатите се отстранети. Инаку, што се однесува до крајот на денот, до завршувањето на овој прв круг, очекуваме фер, демократска атмосфера и не очекуваме проблеми и неправилности,“

изјави порпаролот Лазе Телемков.

Портпаролот на изборниот штаб на Демократската партија на Албаниците Сулејман Рушити вели

„Некои изборни единици не се отворени навреме, претежно во Гостивар и во Кичево има лица со двојни овластувања во изборните единици.“

Доценење на отворањето на некои избирачки места го потврдуваат и набљудувачите на невладината организација МОСТ. Председателот Дарко Алексов вели:

„Имавме два случаи на задоцнето отворање на избирачките места од технички причини. Едното е во кичевско, другото е во битолско. Меѓутоа, како што сега ги собираме резултатите од тоа колку луѓе поминале на гласање врз база на примерокот којшто го имаме се се одвива во најдобар ред.“
XS
SM
MD
LG