Достапни линкови

logo-print

Во Македонија нема странски инвестиции поради нефункционирањето на правната држава


И откако странските инвестиции изминатата година го достигнаа најниското ниво во последните седум години, владата најави основање агенција за привлекување на странските инвестиции. Идејата е, Македонија да се одлепи од дното:

„Агенцијата преку своите промотори што ќе работат во странство, директно ќе контактира со странските инвеститори за да ги заинтересира да влезат во Македонија и откако ќе решат да инвестираат ќе добиваат информации каква е процедурата за регистрација на бизнисот, за даночната политика, за пристапот кон финансиските институции итн,“

објаснува портпаролот на министерството за економија Гоце Пачемски.

Но, економските експерти со коментар, се додека не се подигне нивото на домашните инвестиции, не е реално да се очекува подигање на степенот на странските инвестиции, па макар тоа било поддржано и со основање на агенција. А, фактите зборуваат, во Македонија има пари, но поради ред причини, луѓето тешко се одлучуваат да ги инвестираат во бизниси:

„Можеби во едно време во поранешна Југославија и беше теза дека Македонија ако е со нешто сиромашна, е со капитал, а богата со труд и други богатства. Меѓутоа, работите стојат многу различно и ако денес сфаќаме дека со нешто е богата Македонија, тоа е со капитал во финансиски облик,“

вели Ванчо Узунов, професор на правниот факултет.

Како основна причина за замрената инвестициона активност се наведува нефункционирањето на правната држава. Или како што тврди Узунов, не е проблем само во законите, нив треба и некој да ги спроведе:

„Кога законите би ги спроведувале луѓе од други земји, овие закони би дале подобри ефекти.“

И сега, кога формираме агенција за да ги привлечеме странските инвеститори, домашните инвестираат, во главно во недвижности. Ваквата појава, праќа исклучително лоша порака до надворешните инвеститори, со оглед на фактот што веднаш се наметнува прашањето, зошто оние кои имаат пари во Македонија да инвестираат исклучиво во недвижности, а надворешните да ги убедуваме да инвестираат во производство:

„Се вложува во недвижности, станови, дуќани, земјиште. Тоа не создава вработувања, не придвижува економски прогрес.“

Во меѓувреме Македонија чека на најавите на владата дека во 2004 година во државата ќе има прилив од 200 милиони долари странски инвестиции. Според законската регулатива, предвидено е агенцијата за привлекување на странските инвестиции да се финансира со буџетски средства, а во неа за почеток да бидат вработени 15 лица.
XS
SM
MD
LG