Достапни линкови

Нова иницијатива за запирање на ширењето на нуклеарното оружје


Претседателот Џорџ Буш вчера најави нова американска иницијатива со цел запирање на ширењето на нуклеарното оружје и спречување тоа да дојде до рацете на терористите. Затоа тој предложи заедничка акција на сите држави во светот.

Во вчерашниот говор во Универзитетот за национална одбрана во Вашингтон американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека меѓународната заедница треба да ги обедини напорите за отстранување на опасноста од оружјето за масовно уништување:

„Најголема закана за човештвото денес е можноста од таен и неочекуван напад со хемиско и биолошко или со нуклеарно оружје.“

Според Буш, ниедна нова држава не би требало да дојде до ситуација да произведува нуклеарен материјал кој би можело да се употреби како оружје. За таа цел тој повика на поагресивна акција и поголеми разузнавачки операции кои, како што рече, ќе придонесат за поефикасна борба против црниот пазар на неконвеционално оружје.

„Мораме да дејствуваме први. Ќе ги најдеме посредниците, снабдувачите и купувачите. Напата порака до нив мора да биде доследна и јасна: Ќе ве најдеме и нема да се одмораме се додека не ве запреме.“

Претседателот Буш за прв пат јавно го обвини пакистанскиот научник Абдул Квадир Кан дека на Северна Кореа и доставил технологија што е потребна за производство на високо збогатен ураниум за нуклеарно оружје. Тој го критикуваше и тоа што земјите како Иран, која е под истрага поради ширење на нуклеарно оружје, имаат свој претставник во Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија. Буш побара од Агенцијата да формира специјален комитет кој ќе спроведува поцврст мониторинг врз нуклеарните програми на одредени земји. Шефот на оваа агенција Мохамед Ел Барадеи во првата реакција ја поддржа иницијативата на Буш за поширока заедничка акција на меѓународната заедница против ширењето на нуклеарното оружје. Доколку тоа не биде сторено, според Ел Барадеи, на светот му се заканува уништување.
XS
SM
MD
LG