Достапни линкови

Вработените во УПОС нема да штрајкуваат, а штрајкот на СОНК продолжува


Вработените во администрацијата и правосудството, односно 23 илјади лица нема да штрајкуваат како што беше најавено. Од синдикатот велат, дека министерот за правда Иџет Мемети истакнал дека постои подготвеност да се разговара за барањата на вработените во оваа област. За в четврток е најавена средба меѓу претставниците на синдикатот и владата, на која ќе се бараат конкретни начини за реализација на следните барања:

„Првото барање е примена на колективните договори во делот на платите и надоместоците и второто запирање на отпуштањата на вработени во јавната администрација,“

изјави Пеце Груевски, генерален секретар на синдикатот на УПОС, кој додава:

„Доколку во преговорите на ги приближиме ставовите, односно не ни се исполнат барањата, тогаш штрајкот ќе се одржи во некој друг термин што дополнително би го одредиле. Но, се зависи што ќе понудат колегите на преговорите.“

Во контекст на барањата на синдикатот на вработените во образованието, културата и науката за зголемување на надоместокот за храна и превоз, како и регресот за годишен одмор, а кои веќе десетина дена штрајкуваат, во владата велат дека нема можност за позитивен одговор. Оттаму посочуваат дека владата нема намера да преговара под притисок и ултиматум:

„Не постојат никакви можности за позитивен одговор на СОНК околу зголемувањето на хранарината. Како што најави владата и тоа е познато, од буџетот ќе се исплатат 60 насто од платите за јануари за деновите на штрајк, односно за оние кои штрајкуваа во образованието, науката и културата. Владата го потсетува СОНК на обврската како организатор на штрајкот, да ги исплати останатите 40 насто од платите за јануари. Исто така, владата ги повикува вработените во образованието, културата и науката да се вратат на своите работни места. Владата нема намера ниту да преговара под притисок и ултиматуми и комплетно е да подготвена да продолжи со разговорите и преговорите веднаш штом вработените ќе се вратат на своите работни места и ќе почнат со редовно изведување на своите работни задачи,“

изјави владиниот портпарол Сашо Чолаковски.

Од друга страна првиот синдикалец на СОНК Дојчин Цветановски, во контекст на владиниот став вели:

„Практично тоа претставува ултиматум од владата врз синдикатот, што е без преседан во синдикалното организирање и слободата на синдикатот во светот. Штрајкот продолжува.“

Тој најави седница на советот на СОНК на која дополнително ќе се одлучи за натамошните мерки што ќе ги преземат синдикалците.
XS
SM
MD
LG